Нотр Дам под новогодишна „опсада“ како никогаш досега
Околу милион Французи и туристи од целиот свет беа избројани на Елисејските полиња пред Триумфалната капија, каде што ја славеа Новата Година. Париз годинава пред празниците беше окупиран од туристи како никогаш досега, што се гледаше од километарските колони луѓе кои стојат пред музеите, палатите, црквите или другите споменици, при што на удар се најдоа и тие што не беа воопшто предмет на интерес изминатите години. Туристи се туркаа и внатре во познатите стоковни куќи како Лајафет, каде шопингувањето стана невозможно од толпите кои дојдоа во групи да ја видат најубавата новогодишна елка во Париз.

Она што беше исто така различно од другите години, е што килоетрска редица од туристи имаше и пред катедралата Нотр Дам која по неколку години реновирање е отворена за посетители и сега е попривлечна од кога и да е. Ја посетуваа и тие што ја посетиле пред пожарот, па предизвикот беше како изгледа сега, откако е речиси целосно реновирана и остана ли нешто од средновековната магија внатре.

Катедралата Нотр Дам, симбол на Париз и светско наследство на УНЕСКО, беше чудо на средновековната готска архитектура. Пред пожарот, таа беше украсена со сложени резби, импресивни сводови и величествен ентериер што ја прикажуваше уметноста на своето време. Внатрешноста беше исполнета со уметнички дела и религиозни реликвии, што ја правеше место од духовно и културно значење. Надворешноста на катедралата се одликуваше со прекрасни розети и препознатлив француски готски стил, што ја одразуваше архитектонската еволуција на периодот.

Сега, и површен поглед на катедралата внатре покажува дека таа има многу повеќе сјај од претходно,многу повеќе шаренило и доукрасување, како некој да сакал да ја направи не автентична, туку уште поубава од претходно. Ова се фотографиите на „Независен“ направени од новата внатрешност на Нотр Дам, споредени со претходните.

Инаку, Франција годинава го собори туристичкиот рекорд: повеќе од 12 милиони посети биле регистрирани на спомениците управувани од Центарот за национални споменици.Тоа е највисокиот број досега за овој центар, кој управува со речиси 100 историски места низ целата земја.

Триумфалната капија била на чело на посетуваните споменици со околу 1,85 милиони посетители. Недалеку зад неа, опатијата Мон Сен Мишел привлече околу 1,63 милиони.
Сент-Шапел надмина 1,3 милиони благодарение на витражот и локацијата во центарот на Париз.

На кулите во Нотр-Дам де Париз се искачиле пак повеќе од 110.000 луѓе по повторното отворање. Овој запис инаку не ги вклучува Лувр, Версај или Сакре-Кер, бидејќи овие обележја не се управувани од центарот.


А, еве како изгледаше претходно:
