Ношпал за Евросонг: Класичниот квалитет секогаш го победува невкусниот микс

Парите се важни, но не и пресудни. Најважен е вкусот, стилот, емоцијата и верувањето во самите себе си дека имаме добар производ, што до сега тешко сме го постигнувале во историјата на нашите настапи на Евровизија, вели дизајнерот, костимограф и моден авторитет, во ексклузивното интервју за „Независен“


-Вистинскиот рецепт за успешен пласман ми се сѐуште непознати, но од моето евровизиско искуство можам слободно да кажам дека „цело е кога има сé“. Тоа значи дека  добрата песна и композиција изведувана од вистински одбраниот вокал и интерпретатор, сето тоа спакувано на соодветен начин односно стејџинг е секогаш добра и вистинска формула за успех. Погледнете ги победниците досега на Евровизија или барем оние кои се во првите неколку места  на листата и сé ќе ви стане јасно, вели дизајнерот, костимограф и моден авторитет Александар Ношпал за „Независен“.

Четири пати како дел од екипата која ја претставуваше нашата земја на Евросонг (2000-ХХL, 2002-Каролина, 2004 Тоше и 2019 Тамара), Ношпал во продолжение на интервјуто открива зошто Евровизија е најголем европски музички фестивал, како да се освои висок пласман, што мисли за македонската претставничка Андреа и за српската Констракта, и неговите ранг-листи на најдобри песни и најдобар изглед.

Фото: Мартен Шекс

 

Дали сте фан на Евросонгот?

Евровизија односно Евросонг е манифестација која има голема традиција и остава голем печат во телевизиската индустрија. Имено, тоа е првиот телевизиски проект кој од времето на појавата на телевизијата е пренесуван истовремено во неколку земји од Европа паралелно, што во средината на минатиот век претставувало голема иновација и технолошки развој. Со текот на времето, односно со појавата на сателитските преноси и  интернетот, таа функција се губи, но затоа Евровизија се трансформира во најголемиот европски музички фестивал кој посебно внимание му поставува на сценско-визуелните ефекти и на креативноста  на самото шоу. Може да се каже слободно дека тоа е денес најголемата забава во Европа, која паралелно се пренесува во скоро сите европски земји, а почнува да ги вклучува и некои земји вон Европа, како што е на пример Австралија. Тоа потврдува дека Евровизија (и покрај нејзиниот територијално одреден назив) има тенденција да стане шоу кое ќе ги вклучи во својата стратегија и земјите на светот, што во ова време на глобализација и лесна комуникација е одлично.

Што се однесува до мене, јас сум роден и растен делумно во минатиот век, па според тоа бев голем следбеник ( како и сите во тоа време) на оваа манифестација, сé некаде до крајот на минатиот и почетокот на овој век. Имено, некаде  до 90-те години на 20-от век редовно го следев овој настан, бидејќи тоа беше единствениот кој не поврзуваше со Европа е со европските трендови на музика стил и облекување, а подоцна, во независна Македонија бев 4 пати и дел од екипата која ја претставуваше нашата земја (2000-ХХL, 2002-Каролина, 2004 Тоше и 2019 Тамара) бидејќи тоа претставуваше еден вид  најголема промоција на нашата нова држава. Денес, настанот го следам делумно, поради некоја доза на носталгија и реминисценција, а и поради сценските настапи кои знаат да бидат неверојатно инвентивни.  Сепак,  музички не сум некој голем фан како што бев во минатото.

 

Што ви е најинтересно- шоуто, песните, изгледот на учесниците или пораките што се праќаат?

Веќе напоменав дека она што денес најмногу ме влече да го гледам овој настан (доколку сум во можност поради честите патувања), е сценската иновација, односно сценските настапи кои од година во година се сé поиновативни и значително изненадуваат со технолошките иновации и визуелни ефекти ( дизајн на сцена, светла, проекции, кореографија и костими). Но за жал сé, помалку сум заинтригиран и привлечен од самите песни, бидејќи генерално сите наликуваат сé повеќе една на друга. Ретки исклучоци има, се разбира, и најчесто тие се оние кои го привлекуваат вниманието и на стручното жири, за разлика од вкусот на публиката. Искрено, во мојата меморија Евровизија е натпревар за песна (La grande chanson d’Eurovision ), а сценскиот настап би требало да соодветствува на таа песна и истата да ја истакне. Затоа во последно време, посебно минатата година, на врвот се најдоа песни кои имаа свој класичен квалитет, за разлика од невкусниот микс на она што генерално се нуди. Токму и затоа, нашата претставничка Тамара Тодевска со нејзината песна „PROUD“ беше толку високо оценета и пласирана, а „Молитва“ во изведба на Марија Шерифовиќ стана една од најслушаните песни победници на овој фестивал.  

 

За некого Евросонг е веќе надминат концепт, за некого сеир од фотелја… а сепак предизвикува внимание, го следат скандали, контраверзи, годинава и политиката се замеша… Како според тебе, треба да се гледа на Евросонг?

Јас сметам дека Евровизија треба да се гледа како една голема забава, едно шоу што ќе не заинтригира и заинтересира една вечер или неколку вечери во една недела, а потоа ќе го заборавиме до следната година. Впрочем, порано многу победници и изведувачи на Евровизија (Селин Дион, АББА, Џони Логан и др.) преку овој фестивал ги започнаа своите богати кариери. Имено, песните генерално имаа свои музички квалитети како композиции, изведувачите требаше да поседуваат одлични вокални способности, а композициите се изведуваа исклучиво со оркестар во живо до 1999 година. Доколку ја погледнете и публиката која присуствува на фестивалот во тој период, ќе видите дека таа е концертна публика, со точно одреден дрес код: мажите во смокинг одела, а жените во вечерни фустани. Денес работите се видно изменети: Евровизија е спектакл, со сјајни перформанси, но не толку добри изведувачи и композиции (со ретки исклучоци), фестивалот е „обоен“  неприкосновено со актуелно политичките и економските актуелни случувања, многу земји знаат да испратат песни со порака поврзани со нивните актуелни или историски локални проблеми (што претставува еден вид запознавање на светот со проблемите на земјите поединечно), а публиката и аудиториумот пред малите екрани сакаат само забава и ништо повеќе. На кратко, една хибридна еуфорија која трае една недела, па евентуално некој добар изведувач успева да опстане во годината што доаѓа (примерот за ланскиот победник Манескин).

Што се однесува до мене, јас одамна престанав да се занимавам со феноменот Евровизија, знам да ги проследам песните со нивното објавување, но далеку од еуфорично. А сметам дека целиот концепт треба да постои и на него да се гледа како една голема забава и убава презентација на моменталната музичка состојба на земјите и музичките трендови кои владеат, но без да се врши голем притисок на претставниците и без да се имаат големи очекувања од истите. На крајот од денот, колку и да е квалитетна песната, телевоутингот е тој што има големо влијание. Ние сме мала земја, и нашата дијаспора е незначителна, па затоа шансите некогаш да го понесеме лауреатот на победници се минимални. Но, сепак сметам дека добрата, концизна и точно режирана презентација со квалитетна песна и изведувач ( без да правиме циркус од самите себеси) е секогаш добредојдена.

Добрата песна и композиција изведувана од вистински одбраниот вокал и интерпретатор, сето тоа спакувано на соодветен начин односно стејџинг е секогаш добра и вистинска формула за успех, како што беше со Тамара во 2019/ Фото: ЕБУ

 

И Македонија е во еуфорија околу Евросонг, иако нашиот пласман традиционално, е далеку од задоволувачки, но, ете, важно ни е кој ќе не претставува, со која песна… Како до „шокираме“ светот, а да биде во граници на вкусот- да се избегне голотијата или миење раце на сцена?

Светот не мора да биде шокиран, туку треба да биде пријатно изненаден како што беше случајот со нашата претставничка Тамара во 2019 година. Ова не го зборувам субјективно, зашто бев дел од тимот на Тамара (и покрај тоа што си бев ветил во 2004 година дека тоа ќе биде мојата последна Евровизија на која учествувам), туку сосема објективно, според оцените и воодушевувањето што овој настап, нумера и изведба го предизвикаа кај стручното жири. Вистинскиот рецепт за успешен пласман ми се сеуште непознати, но од моето евровизиско искуство можам слободно да кажам дека „цело е кога има сé“. Тоа значи дека  добрата песна и композиција изведувана од вистински одбраниот вокал и интерпретатор, сето тоа спакувано на соодветен начин односно стејџинг е секогаш добра и вистинска формула за успех. Погледнете ги победниците досега на Евровизија или барем оние кои се во првите неколку места  на листата и сé ќе ви стане јасно. Едноставната и минуциозно режирана ТВ презентација со добар и точен стајлинг, која соодветствува со „чиста“ и „класично“ компонирана, но точно и прецизно изведена мелодија е секогаш вистинскиот победник. Имено, се треба да е на свое место и ништо не треба да биде повеќе или помалку од другото. А сето тоа го прави добар тим и добра тимска работа, иако многумина мислат дека пресудна е големата финансиска инвестиција, со што не се согласувам во целост. Парите се важни, но не и пресудни. Најважен е вкусот, стилот, емоцијата и верувањето во самите себе си дека имаме добар производ, што до сега тешко сме го постигнувале во историјата на нашите настапи на Евровизија. Заклучок: и голотијата и миењето раце можат да пројдат ако има кој и како да ги понесе и да ги претстави….зашто и голотијата и миењето раце можат да бидат прифатливи ако не се екстремно вулгарни, наметнати, кич, шунд и без одредена смисла, порака или без одреден концепт на изведба, а најмалку ако се прават само за да бидат шокантни.

 

Ви се допадна ли македонската песна Circles во изведба на Андреа?

„Кругови“ е добра песна од проверен и истакнат автор, мој драг пријател и соработник во неколку наврати, Александар Масевски. Песната е модерна, бара специфичен вокал, и мислам дека со добар настап може да биде добро пласирана. Андреа е млад изведувач со интересни изведувачки перформанси, кој сосема одговара на песната. Сепак, нешто што малку ме плаши е нејзиното искуство во изведувањето во живо, посебно пред голема публика како што е онаа на Евровизија. Од моето искуство, самиот звук на енормниот и еклатантен аудиториум кај мене предизвикувал страв и морници, дури и отаде сцената. За ова зборував сосема случајно и со самиот Масевски во една случајна средба и мислам дека овој период е посветен токму на нејзиното вежбање на настап пред публика, по можност и побројна. Познавајќи го него и неговата тенденција кон перфекционизам, мислам дека ништо нема да биде оставено на случајноста. Искрено, и посакувам многу среќа и се надевам дека ќе влезе во финалната вечер. Впрочем, секогаш сум на страната на новите и млади потенцијали во земјава, ја поддржувам во нејзиниот пат и секако дека со нетрпение го очекувам настапот.

Андреа ја гледам во стилот на колекциите на Демна Гвасалиа, креативниот директор на модната куќа Баленсијага и основач на брендот Ветман/ Андреа на првата техничка проба во Торино/ Фото: ЕБУ

 

Како го гледате нејзиниот изглед за настапот во Торино на 12 мај, како моден авторитет и стилист на многу наши претставници на престижниот натпревар?

Андреа е млада девојка, која не треба да менува многу во својот стил на облекување, бидејќи тој е веќе модерен и изграден, треба само истиот да се адаптира и преработи за сцена како сценски костим. Од круцијална важност ќе биде и режијата на ТВ настапот и самиот сценски концепт, кој заедно со стајлингот и нејзината изведба ќе бидат пресудните фактори за нејзиниот успех. Андреа ја гледам во стилот на колекциите на Демна Гвасалиа, креативниот директор на модната куќа Баленсијага и основач на брендот Ветман. Мислам дека нејзиниот правец е oversized облека со децентен и луциден дизајнерски крој, и со модерни и иновативни, алтернативни модни додатоци. Но секако останува да видиме какво изненадување ни подготвува овогодинешниот креативен тим што го подготвува настапот.

Фото: ЕБУ

Ваш впечаток за настапот на српската претставничка Констракта за песна на Евросонг за која се крена прашина во регионот?

Констракта сама по себе е изведувач кој има свој специфичен правец и стил, голем интелектуалец и уметник кој може да се нарече „Марина Абрамович во музиката“. Нејзиниот настап ( кој има своја приказна и е детално осмислен: впрочем логично бидејќи и самата таа е архитект по професија) соодветствува на нејзината песна и затоа предизвика бура реакции низ цела Европа. Со самото тоа што името на песната и завршната строфа се на латински јазик веќе претставува своевиден преседан на Евровизија. Песната има многу едноставен ритам кој лесно се памти, а самата Констракта има неверојатна харизма и енергија на сцена, продорен поглед и пред се зрелост и сигурност во тоа што го прави. Мора да признам дека лично не сум некој голем љубител на таков вид на песни, иако ми се допаѓа и ја ценам интелектуалната подлога на целиот концепт и на нејзиниот пристап во музиката. Повеќе сум љубител на добра композиција и извонреден вокал и интерпретација, но и овој пристап го почитувам. Како и да е воодушевен сум од нејзиниот „Триптих“ и нејзината уникатност и затоа сум сигурен дека ќе има одличен пласман во Торино: бидејќи самата таа верува во тоа што го прави, а тоа е вистинскиот пат кон успехот.

 

Која песна досега на Евросонг ви се допадна?

Ах, тешко прашање, има повеќе . Ајде ќе направам една листа од мои 10 фаворити:

  1. “Where are you now” – Imani (1998)
  2. „Молитва“ – Марија Шерифовиќ (2007)
  3. “Voila” – Barbara Parvi (2021)
  4. “Euphoria” – Loreen (2012)
  5. “Et s’il fallait le faire” – Patricia Kaas (2009)
  6. “Нека ми не сване“ – Даниела Мартиновиќ (1998)
  7. “My number One” – Helena Paparizou (2005)
  8. “Heroes” – Måns Zelmerlöw (2015)
  9. “Waterloo” – ABBA (1974)
  10. “Proud” – Тамара Тодевска (2019).

 

А изглед?

Дефинитивно приматот го имаат големите мајстори на модата:

Фото: ЕБУ
  1. Barbara Parvi (2021) – Dior
  2. Maneskin (2021) – Etro
  3. Amina (1991) – Gaultier
  4. Anna Vissi (2005) – Gaultier
  5. Dana International (1998) – Gaultier

Во оваа група би ги посочил и :

  1. Даниела Мартиновиќ (1998)
  2. Mahmood (2019)
  3. Patricia Kaas (2009)
  4. Loreen (2012)
  5. Daði Og Gagnamagnið (2020)

 

 

На што работите моментно- на мода или на костимографија?

Веќе одамна сум посветен целосно на костимографијата, иако повремено знам да направам излети во модата. Често правам модни референци во костимографијата, но секако доколку за тоа има простор. Во моментов започнав со три нови проекти: едниот во Франција (Опера Гарние), вториот во Германија ( Олденбург), а третиот и во Узбекистан (Самарканд) со нашиот познат кореограф Игор Киров. Паралелно почнувам и со планирање на неколку интересни самостојни проекти и во едната и во другата сфера, но сепак тие се во сам зачеток, па сѐуште би ги задржал како моја мала слатка тајна.