Норвешка: Земјите донатори ќе обезбедат итна финансиска помош за Палестинската самоуправа


Коалиција за итни случаи за финансиска одржливост на Палестинската самоуправа постигнаа договор за итен пакет финансиска помош за Палестинците, соопшти Министерството за надворешни работи на Норвешка.

Владата на Норвешка ќе одвои 40 милиони норвешки круни (околу четири милиони американски долари), додека не е прецизирано со колкава сума ќе учествуваат другите земји.

– Оваа коалиција е основана како одговор на итната и невидена финансиска криза со која се соочува Палестинската самоуправа. Непосредната цел е да се стабилизираат финансиите на Палестинската самоуправа и да се зачува нејзината способност да управува, да обезбедува витални услуги и да ја одржува безбедноста, се наведува во соопштението на норвешкото МНР.

Земјите-членки на Коалицијата, меѓу кои се и Саудиска Арабија, Шпанија, Велика Британија, Јапонија и Франција, упатија апел до Израел да ги ослободи средствата што и припаѓаат на Палестинската самоуправа.