Ништо од компаниите на Мицкоски, досега не доставиле понуда ниту за гас, ниту за мазут

Разрешена е мистеријата за фамозната компанија која требало да обезбеди гас. Како што се дознава, станува збор за фирмата ПГО, која била регистрирана во Швајцарија


 

Од компаниите кои што ги посочил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како негови контакти кои што можат да помогнат во пребродување на енергетската криза, односно за снабдување на природен гас и мазут, до денеска нема никаков одговор, велат извори од Владата и од ЕСМ. Во изминатиот период бил остварен контакт со посочените фирми, но ниту во Министерството за економија, ниту во Електростопанство на Северна Македонија, немаат добиено било каква конкретна понуда.

Сепак, една мистерија е разрешена – познато е името на фамозната компанија која требало да обезбеди природен гас за земјава. Како што се дознава од извори во Владата, станува збор за фирмата ПГО, која била регистрирана во Швајцарија.

Според регистарот на компании во Швајцарија, компанија со ваков назив е регистрирана во кантонот Цирих, каде што стои дека нејзина дејност е трговија со нафта и нафтени деривати.
Познавачите на приликите кај нас, пак, велат дека таа компанија не е непозната во овдешните кругови, бидејќи и во минатите години се нудела за снабдување со енергенти.

На состанокот во Белград од македонска страна биле министерот за економија, Крешник Бектеши, и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и советникот за енергетика во Владата, Васко Андонов. Од страна на ПГО присуствувале двајца претставници, едниот државјанин на Србија, а другиот на Босна и Херцеговина, коишто имале фирма регистрирано во Швајцарија и информирале дека може да се обидат да обезбедат руски гас.

На состанокот, како што велат извори од Владата, било презентирано кои се условите согласно нашиот закон, банкарски гаранции, количества, место на испорака, како и дека која било фирма треба да достави понуда до ЕСМ како компанија задолжена за купување енергенти.
„До ден денешен, таква понуда не е доставена. Ниту за гас, ниту за мазут, ниту за што било друго“, велат извори во Владата.

Од ЕСМ велат дека до сега со посочената компанија немале ниту контактни, ниту каква било соработка и дека фирма со такво име не им била позната.

На средбата од страна на претставниците на ПГО бил доставен договор за соработка, којшто не предвидувал права и обврски и во него не биле посочени количествата кои ЕСМ ги побарува за периодот од ноември годинава до 30 април, ниту пак, била презентирана каква било цена.

„Доставија стандарден предлог договор за соработка, во којшто се ставаат само генералии“, велат соговорници од компанијата. „Сѐ уште немаме добиено потврда дали количествата кои ги побаравме, месечни и шестмесечни, односно за целиот период, околу 230 милиони нормални метри кубни, можат да ги испорачаат, и како второ, да дадат цена и дали таа цена ќе биде фиксна или варијабилна“, додаваат соговорниците.

Тие прецизираат дека дури по добивањето на таквата понуда ќе може да се разговара во компанијата, на ниво на управен и надзорен одбор, како и да се побара мислење од Владата.
Што се однесува до мазутот, сѐ уште нема никаков контакт од фирмата ниту пак има било каков документ, велат истите извори, кои додаваат дека на средбата бил претставник од компанија од Босна и Херцеговина, поточно од Република Српска.

Во меѓувреме, како што посочуваат од ЕСМ, се следи процесот на испорака на природен гас, пред сѐ, количествата за ноември, а потоа и за следните месеци.

„Денеска имавме разговор со домашната компанија ‘Макпетрол’, очекуваме во текот на утрешниот ден да достават понуда. Но, исто така чекаме две до три компании кои исто така се понудија дека можат да обезбедат природен гас. Две се обратија директно до ЕСМ и една до Министерството за економија“, велат соговорниците.

Од ЕСМ додаваат дека во текот на оваа недела може да се очекува нешто поконкретно околу снабдувањето со природен гас, односно да се обезбеди гасот за работа на топланите, но и за можно вклучување на процесот на работа на ТЕ-ТО, која сѐ уште нема обезбедено гас за работа. Оваа когенеративна централа во овој период не работи и неизвесно е дали ќе работи и во наредниот период.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на крајот на септември рече дека доколку Владата не реагира на неговата понуда би можело да биде доцна, особено за индустриските капацитети кои набавуваат струја на слободниот пазар. Тој посочи дека неговиот план кој ВМРО-ДПМНЕ ѝ го нуди на Владата за намалување на енергетската криза и трошоците за производство на струја и топлинска енергија овозможува заштеда од 300 милиони евра.

Планот предвидуваше набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“ по цена која би била за 200 евра по тон пониска од таа која во моментов се набавува, како и 250 милиони кубни метри гас за гасната централа ТЕ-ТО. Тој додаде дека имаат контакти со компании од Германија, Швајцарија и Чешка, а кои можат од „Гаспром“ да донесат количество гас која што е доволнао односно некаде околу 250 милиони кубни метри гас кои се потребни за да работи ТЕ-ТО во наредните шест месеци, да ги замени количините на електрична енергија од ТЕЦ „Неготино“, доколку ги користи македонското стопанство, а како нуспроизвод од тој процес е топлината која ќе ги задоволи половина од потребите на институциите и домовите во Скопје за централно затоплување. Другата половина се обезбедува преку топланите кои се сопственост на БЕГ, додаде Мицкоски.

За таа цел тој беше поканет во Владата, каде што се одржа и средба помеѓу тимот на ВМРО-ДПМНЕ и владиниот тим. Подоцна премиерот Ковачевски изјави дека „информациите од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека има понуди за енергенти, станаа контакти, подоцна контактите станаа позиции“.