Ништо не е како лани


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Како да беше вчера, а помина една година, кога поранешниот претседател Ѓорге Иванов, од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации, повика на бојкот на референдумот за името, засилувајќи ја дополнително неизвесноста околу гласањето што требаше да обезбеди верификација на договорот што тоа лето го постигаа владите на Зоран Заев и на Алексис Ципрас.

И покрај тоа што ланскиот референдум не ги исполни очекувањата, пред сè на македонските власти и на меѓународната заедница, спогодбата од Преспа не само што стана реалност туку и ги преживеа смените на кормилата на извршната власт – и во Скопје и во Атина. Односно заминувањето на Иванов во „претседателска пензија“ и доаѓањето на новата грчка влада, на чело со Кирајкос Мицотакис – кој минатата година, слично како и домашната опозиција, но со тези во спротивна насока, силно се спротивставуваше на договорот кој отвори нова ера во односите меѓу сега Северна Македонија и Грција.

Всушност, случувањата последниве денови на политичката сцена во земјава, каде што постепено се пренасочува фокусот од аферата „Рекет“ и турбуленциите околу СЈО кон очекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ, се уште еден показател како за релативно кратко време се можни промени што значително ќе го сменат курсот на државата. На тоа секако влијаеја и персоналните промени во врвот на власта што се случија пролетта. Од друга страна, најновите настани покажуваат дека ни промената на уставното име на земјата, со што, меѓу другото, ни беше овозможено полноправно членство во НАТО, не предизвикала позначителни промени во свеста на дел од главните актери на политичката сцена кај нас, кои се наметнаа како „дежурни кочничари“ на евроатлантските процеси.

Голема македонска делегација и годинава отпатува во Њујорк за да учествува на годишното Генерално собрание на ОН, но во многу поинаков амбиент и во поинаков состав во споредба со лани. Во текот на викендот, куферите за САД ги спакува премиерот Заев, кој во своето обраќање пред Генералното собрание сигурно нема да го одмине договорот од Преспа, како меѓународен документ за кој преговорите се водеа под покровителство на ОН, а кој отвори пат за евроатлантската иднина на нашата земја, по еднодеценискиот застој и независно од превирањата што во меѓувреме се случуваа на внатрешно-политички план во земјава, вклучително со последната афера „Рекет“ и распадот на СЈО.

Еден од најзначајните детали поврзани со престојот на македонската делегација во Њујорк, секако, е најавата за утрешната прва средба Заев – Мицотакис, по смената на власта во Грција. Далеку од тоа дека некој очекува таа од старт да биде толку пријатна како што беа средбите што Заев ги имаше со Ципрас непосредно пред и по потпишувањето на Преспанскиот договор. Сепак, може да се очекува оваа средба да биде иницијална каписла за воспоставување нови релации меѓу двете земји. Од друга страна, за тоа секако не се од помош обидите на опозицијата тврдоглаво и популистички и натаму да инсистира на старото име на државата. А, за тоа само во последните неколку денови имаше неколку примери:

Речиси пет месеци откако замина од претседателската резиденција на Водно, Иванов деновиве повторно беше актуелен во јавноста поради темата што ја наметна Антикорупциската комисија за големите привилегии за поранешните шефови на државата. Прозивките од Антикорупциската комисија ја испровоцираа и првата реакција на експретседателот по заминувањето од функцијата. Детаљ што не остана незабележан во соопштението од кабинетот на Иванов е дека тој и во новите канцеларии инсистира на старото име на државата – Република Македонија, додека од сметката на Владата на Република Северна Македонија секој месец се одлеваат пари за неговиот кабинет во „Џевахир скај сити“.

И не само Иванов туку и опозициските пратеници, додека праќаат писма по европските градови, лобирајќи за земјава да добие датум за почеток на преговори на октомврискиот самит на ЕУ, во Собранието доставуваат предлози со старото име на државата. Тоа е очекувано ако се има предвид дека добар дел од нив, исто како и Иванов, лани ова време со сите напори го опструира референдумот за името, а потоа и донесувањето на уставните амандмани и стапувањето на сила на Преспанскиот договор. Но далеку е од тоа дека инсистирањето на старото име на државата говори за некаква си принципиелност и конзистентност на опозицијата по однос на неприфаќањето на Преспанскиот договор.

Да стануваше збор за принципи, истите тие пратеници, веројатно, немаше да ги потпишуваат другите документи во парламентот на кои стои новото име на државата, вклучително решенијата за нивните патувања, за исплата на патните трошоци или на закупнини на станови. И немаше да се обидуваат со разни лоби-потези да фатат приклучок кон процесите, со оглед на нараснатите очекувања и најави за добивање датум за почеток на преговори.