Николоски: Оваа година ќе биде рекордна по реализација на капиталните инвестиции


Фото: Б. Грданоски

Заменик министерот за финансиии Филип Николоски денеска, пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, рече дека оваа година ќе биде рекордна по реализација на капиталните инвестиции. Со реалокацијата на буџетските средства, истакна Николоски, не се скратени 300 милиони евра во делот на капиталните инвестиции како што тврди опозицијата, туку износот е намален за 75 милиони евра.

Според Николоски, кој му реплицираше на пратеникот Златко Пенков од ВМРО – ДПМНЕ, не е точно и дека се намалени блок дотациите.

Потрошувачката кошница, пак, која изнесува околу 50 000 денари, се надминува со една просечна и со една минимална плата и тоа за 12 отсто, потенцира заменик министерот. 

-Не се скратени 300 милиони евра во делот на капиталните инвестиции, намален е износот за 75 милиони, а не за 300 милиони евра. Имаме највисока реализација на капиталните инвестиции во овој момент од над 460 милиони евра, а пред нас е уште еден цел квартал. Минатата година беше рекордна, со 465 милиони евра и 89 отсто реализација на капиталните инвестиции, но сега сме веќе над тоа и имаме уште еден квартал пред нас, што значи ова ќе биде уште една рекордна година за реализација на капиталните инвестици. Точно е дека потрошувачката кошница е околу 50 000 денари, но мора да нотираме дека од 2016 година до сега со една просечна и со една минимална плата се надминува износот на потрошувачката кошница што не беше случај пред 2016 година. Просечната плата сега е над 36 000 денари, а минималната над 20 000 денари, тоа се 56 000 денари и е за 12 отсто над нивото на просечната потрошувачка кошничка.  Исто така, не е точно дека се намалени блок дотациите, со пренамената се предвидени над 18 милиони евра зголемени блок дотации кон единиците на локалната самоуправа, рече Николоски. 

На ова, со контрареплика, веднаш реагираше пратеникот Пенков.

-Ако е така како што зборувате, тогаш зошто сме на дното по растот на БДП во Европа? Невозоможно е ако имаме толкава реализација на капиталните инвестиции да сме заковани на дното и тоа не се случува само сега, туку наназад веќе шест години. Во однос на минималната плата, директната консеквенца од овој концепт е: намалена продуктивност, изедначување на лицата кои работат квалитетно со оние што не работат и пад на продуктивноста. Оттука и големото незадовлство на граѓаните кои работат во јавните претрпијатија, во домашните и странските компани, а земаат минимална плата, истакна Пенков.

Претходно, во почетокот на попладневното продолжение на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, Пенков го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Предолог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници која е на дневен ред.

-Целта на власта е да креира мислење дека се грижи за граѓаните и народот. Но, ќе бидам дециден, никој не верува во потезите на оваа Влада, народот дефинитивно не. Владата не успеа да ја заузда инфлацијата, а се прават и промашувања во капиталните инвестиции, рече пратеникот. 

Претпладнето, Предолог-одлуката пред Комисијата ја образложи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во образложението за потребата од носењето на одлуката Бесими рече дека реалокација на средствата во бруто износ изнесува околу 18,2 милијарди денари од кои 4,25 се за платите во јавниот сектор од септември и регресот К15 од 10 илјади денари што треба да се исплати до крајот на годинава.

За пораст на пензиите, посочи, се предвидени 3,5 милијарди денари, 1,081 милијарди денари е предвидена за помош на компаниите од кои 581 милион денари се за помош на домашни компании, а 200 милиони за странски компании за инвестиции во рамки на програмите Д5 и Д9, а 300 милиони денари за ТИРЗ. За земјоделски субвенции се наменети 800 милиони денари, 650 милиони денари за МојДДВ, 600 милиони денари за исплата на социјалните права, 290 милиони денари за студентски оброк и стипендии за студенти и ученици, 200 милиони денари за редовно сервисирање на породилните боледувања, 166 милиони денари за превод и печатење на учебници за основно и средно образование, 110 милиони денари за африканската чума, 100 милиони денари за набавка на лекот трикафта, 20 милиони денари за дигитални  сензори за мерење на шеќерна болест, како и 4,55 милијарди денари за пакетот за антикризни мерки.   

-Се предлага поддршка на граѓаните и стандардот во услови на инфлација и последици од енергетската криза која се уште продолжува да има свое влијание, обезбедување на имплементација на општиот колективен договор постигнат со синдикатите во јавниот сектор за раст на плати од 10 отсто и исплата на К15, порастот на пензиите, како и зголемување на средства за социјални трансфери и субвенции во земјоделството и поддршка на домашните и странски компании и обезбедување на средства за пакетот на антикризни мерки, рече Бесими.

Реалокацијата, додаде, е постигната преку заштеди во делот на стоки и услуги, како и намалување на дел од средствата што беа од 225 милиони евра што беа предвидени за антикризни мерки.

-При тоа во делот на капитални расходи има репрограмирање во смисла да не се откаже ниту еден проект од капитални расходи што е во Буџетот за 2023 година, но со оглед на нивната динамика на реализација да може да се планира посоодветно за до крајот на годината да нема потреба да се планираат повеќе средства, а во меѓувреме да се задолжиме  за тој износ, рече Бесими и додаде дека тие ќе може да се реализираат во текот на идната година.

Со реалокацијата на средствата, како што кажа, Буџетот ќе биде ликвиден до крајот на годината и ќе ги оствари главните цели како што беше предвидено во основниот буџет.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ во својот говор истакна дека нема да ја поддржат ваква Одлука за прераспределба која, како што рече, под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во четири очи, криминал и корупција во период кога власта ги одбројува последните денови.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ поднесе 14 амандмани за поддршка на граѓаните и на стопанството. 

-Почнува расправата по Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на Буџетот до Собранието. Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението кое е во прилог е само 138 зборови, рече Стојаноски.

Нагласи дека со одлуката се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра иако се зголемени цените на храната, а зголемен е и ДДВ на струјата од јули оваа година. 

-Дополнително, власта планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници. Власта вели дека зголемувањата се во делот на плати и надоместоци за јавниот сектор. Сметаме дека јавниот сектор многу порано требаше да добие зголемување на своите плати со оглед дека инфлацијата во овие две години е двоцифрена и надминува 30 отсто кумулативно, а кај храната и електричната енергија покачувањата се близу 50 отсто, рече Стојаноски.

Фото: Б. Грданоски

Посочи дека Владата крати кај капиталните инвестиции кои не успева да ги реализира поради неспособност и тоа што традиционално ги предимензионира за да во овој период од годината ги префрли на ставки од кои полесно ќе може да ги испумпа кон свои фирми.

-Со оваа Одлука за прераспределба се кратат десетици милиони евра и од армијата т.е. Министерството за одбрана. Македонија е една од земјите која испрати своја воена опрема на Украина, но власта наместо да ја замени со нова и современа опрема предвидените средства ги крати. Жалиме што власта не успева да ги реализира инвестициите во изградба, опремување и одржување на градинките па сега ги крати тие средства. Над еден милион евра се кратат за градинки. Нашите деца ќе бидат на листи на чекање затоа што неспособните од власта не можат да реализираат еден милион евра што се предвидени девет месеци однапред. Загрижувачки е односот на власта во образованието и таму по којзнае кој пат се кратат предвидените средства од зградите на ФИНКИ и ФФК. Освен за оваа намена, власта не може да реализира инвестиции и за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и за спортски сали, рече Стојаноски.

Со оваа расипничка власт, додаде, не е чудо што јавниот долг е над 8,3 милијарди евра и е зголемен за 3,6 милијарди од 2017 година до денес. 

-Повеќе од 600 милиони евра годишно го зголемуваат јавниот долг. На Република Македонија и е потребен рестарт, особено во економијата затоа што со ова темпо ќе се закотвиме на дното и ќе бидеме најлоша економија во регионот и Европа, потенцира Стојаноски.

Министерот за финансии Бесими во реплика истакна дека капиталните расходи и со реалокацијата на средствата остануваат повисоки од буџетскиот дефицит.

-Во ситуација на мултикризен период вклучително и војната во Украина се наоѓаме во делот кога економијата се соочува со криза. Се бориме надворешниот шок на економијата да биде помал врз џебот на граѓаните, стандардот и стопанството. Можеби не сме го направиле идеалното решение, но сме го направиле тоа што е оптимално и што е можеби најдоброто во овој период, истакна Бесими.

И со реалокацијата на средствата, како што кажа, продолжува консолидацијата на економијата. 

-Со оваа одлука треба да им помогнеме на најранливите да се ублажи  ударот од економската криза, а при тоа да ги задржиме развојните компоненти и во исто време дополнително да дадеме за компаниите кои покажаа дека ќе инвестираат, рече Бесими.