Ние даваме пари за партиите, се богати Цукерберг


Максим Димитриевски потрошил повеќе пари за рекламирање на Фејсбук од СДСМ

Кога ќе се соберат парите што партиите ги трошат на Фејсбук, Инстаграм, Твитер и на Гугл, очигледно е дека сѐ поголем дел од нашите пари одат на странските платформи за огласување. Огласите на Гугл беа преплавени од Тимчо Муцунски и Данела Арсовска

 

Во финишот на кампањата за вториот круг на изборите, фрчат соопштенија од  партиите  со кои се обвинуваат за злоупотреби, насилства, притисоци, реваншизам…Паралелно, се одвива платената политичка кампања за која пари одвојуваат граѓаните и која, освен што е фокусирана на телевизиите, сѐ повеќе се „одлева“ на странски адреси – Фејсбук, Инстаграм, Твитер, а годинава многу и на Гугл.

Од она што може да се види, бидејќи транспарентност во огласувањето има само на Фејсбук, Максим Димитриевски потрошил повеќе пари за рекламирање на оваа социјална мрежа од СДСМ, а титулата „Фејсбук партија“ може слободно да ја добие Левица, која потрошила двојно повеќе за бустирање на своите пропагандни видеа од сите други – 10.000 евра само за првиот круг и само за избор на советниците. Притоа, најгледаното пропагандно политичко видео на Левица е завршниот спот на партијата кој привлекол 274.000 посети.

Фактот дека во првиот круг од изборите немаше адреса на Гугл на која не се појавуваше ликот на Тимчо Мицунски и нешто помалку на Данела Арсовска, покажува дека на странските интренет мрежи и социјални медиуми се трошат многу повеќе пари од тоа што може да се види на сметките на Фејсбук, бидејќи долната граница за рекламирање на Гугл е еден до два долари за клик, а станува збор за стотици илјади.

Очигледно е исто така дека ВМРО-ДПМНЕ покажа многу повеќе пари во политичкото рекламирање од СДСМ, трошејќи ги на одбрани кандидати, додека на својот профил на Фејсбук вртеше видеа од останатите со помал успех.  Имено, најгледаното видео им е со неславниот кандидат за градоначалник на Куманово, Тони Михајловски (83.000 посети), а останатите не надминуваат 30.000, при што нема видео обраќање на Христијан Мицкоски и на Тимчо Муцунски што ја минало границата од 10.000 отворања. Најгледани пропагандни материјали на профилот на оваа партија се видеата со црна кампања против лидерот на СДСМ Зоран Заев, а високи бројки има и за тие што се занимаваат со Александар Филиповски и Петре Шилегов. 

Симпатизерите на СДСМ, пак, како да живеат на друга планета. Од негативните најгледано е видеото за фирмите на Данела Арсовска (127.000 отворања), но тоа е само половина од најгледаното видео од митинзите на СДСМ низ државата, кое го виделе 347.000 луѓе. Ако се судеше по Фејсбук, СДСМ и Заев се неколкукратно попопуларни од ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, иако резултатите покажаа дека не е така. До 21 октомври СДСМ потрошиле над 5.800 евра за рекламирање на Фејсбук, а ВМРО-ДПМНЕ над 4.900 евра, но тие сметки ќе бидат многу поголеми на крајот бидејќи „битката“ на Фејсбук се вжешти оваа недела. Кога ќе се соберат и парите што се трошат на Инстаграм, Твитер и на Гугл, очигледно е дека сѐ поголем дел од нашите пари одат на странските платформи за огласување. Притоа тука треба да се додаде и ДУИ, иако има поскромни ставки за платено рекламирање, а најпопуларното видео од митингот во Гостивар го виделе 175.000 луѓе. (Н.В.)