Ни убиството на Фросина не нѐ освести – возат без дозвола, па дури и малолетници
Шестмина возеле без возачка дозвола, меѓу кои и двајца малолетници, а полицијата ги фати во последните 24 часа. Вакци случи има секојдневно, особено во летниов период, па се заклучува дека ниту убиството на Фросина Кулакова не ги опамети младите, ниту родителите, кои дозволуваат децата да ги земат возилата и да се движат по улиците.
На 22.07.2026 во 13.20 часот на ул.„Бистра“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 17-годишник од с.Студеничани, скопско. При сообраќајна контрола полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека малолетникот го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Денеска (23.07.2026) во 02:00 часот во с.Студеничани, скопско, полициски службеници од СВР Скопје лишија од слобода 16-годишник од с.Студеничани. При сообраќајна контрола полициските службеници сопреле патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека малолетникот го управувал возилото пред да се стекне со право за управување на возило. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
На 22.07.2026 околу 14:00 часот на паркинг простор на ул.„Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници лишиле од слобода 16-годишен малолетник од с.Порој, тетовско. Претходно, тој без возачка дозвола управувал патничко возило „смарт“ со тетовски регистарски ознаки и со возилото учествувал во сообраќајна незгода. Возилото е одземено и задржано во полициска станица, додека службен разговор со него е извршен во присуство на инспектор за малолетничка деликвенција и негов старател. По документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 23.07.2026 во 00:10 часот на ул.„Мајор Чеде Филиповски“ во Гостивар, полициски службеници ги лишиле од слобода Е.С.(18) од Гостивар. Тој без дозвола зел службено патничко возило „цитроен“ со гостиварски регистарски ознаки на Црвениот крст, каде бил волонтер, и со возилото удрил во повеќе паркирани возила. При контролата било утврдено дека го управувал возилото без да поседува возачка дозвола. Тој бил задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.
На 22.07.2026 во 11:45 часот на ул.„Св.Нектариј Битолски“ во Битола, полициски службенци од СВР Битола го лишиле од слобода О.Р.(20) од Битола. При контрола во сообраќајот, полициските службеници сопреле мопед без регистарски ознаки, управуван од О.Р., при што било констатирано дека не поседува возачка дозвола. По документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.
На 22.07.2026 во 20:10 часот на улица „Браќа Миладинови“ во Кавадарци, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода Б.В.(27) од Кавадарци. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „тојота“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.В. и по преземени мерки и извршени проверки, било констатирано дека возилото го управувал пред да се стекне со право на управување. За настанот е известен јавен обвинител, а возилото било одземено. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветна пријава.