Независните го уловија Милошоски со „Северна“


Пратениците од независната пратеничка група го „уловија“ својот поранешен сопартиец од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, дека го употребил новото уставно име на државата – во писмо што, како претседател на собраниската Комисија за надворешни работи, го испратил до своите колеги во парламентите во Данска и во Холандија. Тие го поздравија гестот на Милошоски, донекаде и иронично забележувајќи дека се надеваат оти европските интеграции ќе придонесат за подемократска македонска иднина во која правото на сопствено мислење ќе биде високо вреднувано, наместо осудено.

Осумтемина пратеници, кои сега се „екипирани“ во независна пратеничка група, кон крајот на минатата година беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, истата бурна вечер кога со своите гласови овозможија донесување на уставните измени согласно со Преспанскиот договор. Иако овој договор ги отвори вратите за полноправно членство на земјава во НАТО и за почнување на преговорите со ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и натаму не го признава, а нејзините функционери во комуникацијата го користат старото име на државата. Таков беше и случајот со предлогот за формирање анкетна комисија за работењето на СЈО, кој токму Милошоски до достави во парламентот, но спикерот Талат Џафери му го врати назад со неколку забелешки, меѓу другото, и поради тоа што во документот беше избегнато уставното име на државата.

Затоа, пак, во дописите што ги испратил до претседателите на комисиите за надворешни работи парламентите на Данска и на Холандија, Милошоски користи некоја своја верзија на новото име на нашата земја. Односно, во она што би требало да биде меморандум на писмата стои кратенка „РС Македонија“, а под неа е напишано „Собрание на Македонија“. Во писмата до колегите во Данска и во Холандија, Милошоски, всушност, лобира за позитивна одлука за отворање на преговорите на ЕУ со нашата земја. Сепак, во писмата тој ги користи термините „Македонија“ и „Република Македонија“, иако новото уставно име на земјата е во употреба и во меѓународната комуникација уште од февруари годинава.

Милошоски не одговараше денеска на телефонските повици за да објасни зошто во комуникацијата со парламенти на држави членки на ЕУ маневрира со употребата на старото и на новото име на државата. Нема одговор ниту дали повторно ќе го достави до парламентот предлогот за анкетна комисија за СЈО, односно дали ќе ја испочитува забелешката на Џафери дека во официјална комуникација треба да го користи уставното име на земјата. Од независната пратеничка група, пак, велат дека посебно ги радува „храбриот чекор“ на Милошоски со „употреба на уставното име на Македонија, во кое стои и географската одредница Северна“ – во случајот со писмата до парламентите на две земји членки на ЕУ.

– Прифаќањето на значајноста на уставните измени за позитивна одлука на ЕУ за пристапување кон европското семејство е вреден исчекор од висок претставник на партијата. Ги охрабруваме сите да ја поддржат понатамошната интеграција на нашата држава,што не беше секогаш случај. Антонијо како добар познавач на овие процеси е одличен пример што треба да се следи и апелираме секој да придонесе кон посветла македонска иднина и прифаќање на позитивната промена како реалност – се наведува во реакцијата на пратениците што беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ.