Магацинот на издавачката куќа „Антолог“ беше поплавен во вчерашното невреме, уништени се илјадници книги, возило, целиот инвентар, техниката. Од познатата книжарница сметаат дека невремето ги одзело нивните минато, сегашносt, но и иднината.
На верните читатели им порачуваат дека сега не се во можност да им ги достават нивните нарачки.
„Антолог“ каков што го познавате и го сакавте – повеќе не постои.
Огромното невреме што вчера ги погоди Скопје и реонот на Кисела Вода и јавната канализациска инфраструктура што ја немаме или е несоодветно изведена, доведе до целосно поплавување на нашите магацински простории.
Загубата, и материјално и емотивно, е неверојатно голема.
27 години труд на генерации луѓе кои се вложија секој на свој начин во оваа издавачка куќа, во овој дом на книгата, се помножени со нула.
Десетици и десетици илјадници книги, возило, целосниот инвентар, техника, речиси сè е неповратно уништено.
Визијата на една приказна во која сите заедно се вложивме и ја градевме – достоинствено, чесно, трудољубиво, визионерски, искрено, пасионирано, со љубов од дното на душата и секогаш, буквално секогаш, постепено – скала по скала, страница по страница, ден по ден, сон по сон, се распадна.
Срцето ни е скршено, се чувствуваме целосно поразени.
Тие неколку часа додека напразно чекавме кој било каде што се јавивме да дојде да помогне во обидот да се справиме со водената стихија, го одзедоа нашето минато, сегашност, а најверојатно и иднината.
Благодарност до Министерството за внатрешни работи но и до сите поединци – физички лица – што вчера беа со нас на терен и колку што можеа ни даваа поддршка, немо гледајќи го тоа што никому не пожелуваме никогаш да го види со очи во својот живот.
Господ напомош!“, стои во нивниот Фејсбук пост.
„Антолог“ е основан во 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски како своевидeн и конкретeн бунт против механизмите на водечките издавачки куќи на своето време, како обид да се докаже дека може и поинаку.
Низ годините „Антолог“ се издвојува од останатите македонски издавачки куќи со објавување несекојдневни романи со одлични преводи од светски популарни современи автори. Редовно учествуваат на Скопскиот саем на книгата, каде често носеа светски автори за кои се зборува во целиот свет.
Годинава, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ги додели наградите за најдобри изданија помеѓу два саема, а на „Антолог“ им припаднаа признанијата за: најдобар дизајн на корица за „Сатурнин“ од Здењек Јиротка – второ место, најдобро ликовно-графичко уредено издание за „Кула крај море“ од Влада Урошевиќ – трето место, и најдобра едиција за едицијата Дамар – трето место. (Б.Б.)