„Нетфликс“ е подготвен да плати во кеш 83 милијарди долари за да го купи „Ворнер брос“
„Нетфликс“ се подготвува да ги ревидира условите на својот договор од речиси 83 милијарди долари за купување на Warner Bros Discovery (ВБД), претворајќи го во целосна понуда во кеш. Целта е да се одбрани непријателска понуда за преземање од страна на „Парамаунт“и да се забрза затворањето на аквизицијата.
Ревидираните услови имаат за цел да им понудат на акционерите на ВБД побрза и поедноставна трансакција, велат луѓе запознаени со ова прашање. Ревидираниот договор сè уште се дискутира и плановите би можеле да се променат, предупредија тие.
Акциите на ВБД пораснаа за 1,6 проценти во вторник откако Блумберг објави дека „Нетфликс“би можел да ги ревидира условите, знак дека потегот е добредојден од инвеститорите во „Ворнер“.
Првичниот договор на „Нетфликс“, постигнат на почетокот на декември, ги вреднуваше студиските и стриминг средствата на ВБДна 27,75 долари по акција, или вредност на претпријатието од 82,7 милијарди долари, од кои 4,50 долари требаше да бидат платени во акции на „Нетфликс“.
Речиси веднаш откако „Нетфликс“ го склучи договорот, „Парамаунт“ ја упати својата понуда од 108 милијарди долари за целата компанија ВБД (вклучувајќи го и одделот за кабелска телевизија, кој го вклучува Си-Ен-Ен) директно до акционерите. „Парамаунт“ успеа да добие одредена поддршка тврдејќи дека ВБД треба да се врати на преговарачката маса.
„Парамаунт“ понуди да го купи целиот ВБД за 30 долари по акција во готово. Медиумската група, предводена од Дејвид Елисон, се закани во понеделникот дека ќе започне битка за гласање на акционерите за ревизија на одборот на директори на ВБД. Во исто време, компанијата поднесе тужба за да го принуди „Ворнер“ да ги открие финансиските информации што доведоа до понудата на „Нетфликс“.