Нетанјаху нуди 5 милиони долари за ослободен израелски заложник од Газа
Премиерот Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел нуди награда од 5 милиони долари на секој што ќе ослободи заложник во Газа.
„Секој што ќе ослободи заложник ќе најде со нас сигурен начин како тие и нивното семејство да ја напуштат Газа“, рече Нетанјаху во видеото снимено на палестинска територија, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
„Ќе обезбедиме и награда од 5 милиони долари за секој ослободен заложник“.
Нетанјаху денеска при посетата на коридорот Нецарим во централниот дел на Појасот Газа најави дека Хамас нема да владее со таа територија.
Нетанјаху оцени дека израелските војници „постигнале одлични резултати кон важната цел, Хамас да не владее во Газа“, пренесоа израелските медиуми.
„Ги уништуваме неговите воени способности на многу импресивен начин и одиме кон неговите способности да владее. Хамас нема да биде во Газа“, рече израелскиот лидер.