Нетанјаху на 2 април ќе отпатува за Унгарија, и покрај налогот за апсење на МКС

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да отпатува во Унгарија на 2 април, соопшти денеска неговиот кабинет, и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС) поради сомневање дека тој е одговорен за злосторствата во Газа.
Нетанјаху во рамки на посетата ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан и други високи унгарски претставници, пред да се врати во Израел на 6 април. Орбан ја упати поканата до Нетанјаху и покрај минатогодишниот налог за апсење од МКС. Премиерот на Унгарија остро ја осуди одлуката на Судот, нарекувајќи ја срамна.
МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за наводни злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на израелската војна против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
Унгарија го потпиша Римскиот статут, меѓународниот договор за формирање на МКС, во 1999 година и го ратификуваше две години подоцна, додека Орбан беше премиер.
Но, Будимпешта никогаш не усвоила конвенција поврзана со Римскиот статут, поради усогласеност со Уставот и затоа тврди дека не е обврзана да ги почитува одлуките на МКС.