Нетанјаху: Формирањето палестинска држава го загрозува постоењето на Израел


Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека создавањето палестинска држава го загрозува постоењето на Израел и вети дека ќе се бори против таквите повици пред Генералното собрание на ОН.

– Треба да се бориме во ОН и на сите други арени против лажната пропаганда против нас и против повикот за создавање палестинска држава што би го загрозило нашето постоење и би претставувало апсурдна награда за тероризмот, рече израелскиот премиер пред состанокот на неговата влада.

Велика Британија, Канада и Австралија денеска соопштија дека донеле одлука за формално признавање на Палестина како суверена држава, а тоа го навија и Португалија и неколку други земјаи.

Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека признавањето на палестинската државност е „ништо друго освен награда за џихадистичкиот Хамас.

– Самите лидери на Хамас отворено кажуваат: ова признавање е директен резултат, „плод“ на масакрот на 7 октомври“. Не дозволувајте џихадистичката идеологија да ви ја диктира политиката, објави министерството на X, без експлицитно да ги именува трите земји.

По признавањето на палестинската држава од страна на Велика Британија, Канада и Австралија, израелскиот екстремно десничарски министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир повика на итна анексија на Западниот Брег.

Во објава на Х, тој побара целосно растурање на палестинската самоуправа, која ја нарече „терористичка власт“.

Бен-Гвир вели дека на следниот состанок на владата ќе предложи план за „проширување на (израелскиот) суверенитет“.

Ултрадесничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич, пак, напиша на X дека е завршено времето кога Велика Британија и другите земји ја одредуваа иднината на Израел.

– Британскиот мандат заврши, а единствениот одговор на овој антиизраелски чекор е да се прогласи суверенитет над териториите на претците на еврејскиот народ во Јудеја и Самарија и засекогаш да се отстрани од агендата глупавата идеја за палестинска држава, напиша Смотрич, користејќи го еврејсиот назив за Западниот Брег во Израел.

Обраќајќи му се на својот шеф, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, тој напиша: „Дојде времето – во ваши раце е“.