Неспецијална


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М.МИТЕВСКА

Тажна беше, всушност, вчерашната сликата од пред новата зграда на државното јавно обвинителство, и покрај впечатливата и позната насмевка зад која специјалната јавна обвинителка Катица Јанева овој пат можеби ги криеше стресот и тремата кога влегуваше на распит кај својата колешка Вилма Русковска – шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција. По речиси петчасовниот распит за аферата, која предизвика политичко-правен земјотрес во земјава, впечаток е дека Јанева излезе на „слобода“ со насмевка на олеснување, со оглед на силниот притисок на јавноста во изминатите неколку седмици за таа да не биде изземена или заобиколена во текот на истрагата, сеедно каков статус ќе добие во наредниот период.

Специјалната јавна обвинителка замина од Основното обвинителство во недоумица дали ќе остане само сведок или евентуално дополнително ќе биде осомничена, а потоа можеби и обвинета за случајот „Рекет“, покрај веќе осомничените и притворени Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец. Но, независно од тоа дали има индиции и дали евентуално ќе се докаже нејзина директна вмешаност и законски прекршувања, моралната пресуда за Јанева е веќе донесена. Таа можеби ќе остане во обвинителската фела до заминување во пензија, ама тешко дека ќе успее да го поврати кредибилитетот што го имаше кога ѝ припадна главната улога во расчистувањето со аферата со масовното прислушување и случаите што произлегоа од неа.

Затоа и беше тажна и поразителна вчерашната глетка на кејот на Вардар. Поради тоа што до неодамна прочуената специјална обвинителка влезе како „можна осомничена“ во објектот на една од повеќето институции кои пред три години беа цел на „Шарената револуција“, која, пак, тргна од идејата дека со формирањето на СЈО ќе се создаде терен за враќање на правната држава. На крајот, правната држава, штотуку подзастаната на нозе, повторно се најде на колена, откако шефицата на СЈО се „сопна“ на еден од последните случаи што ги отвори ова обвинителство – во термин што политичката опозиција го смета(ше) за „непристоен“, надевајќи се дека ќе паднат во вода барем предметите за кои беа отворени истраги или подигнати обвиненија по јуни 2017 година.

Тоа е втората причина поради која беше поразителна вчерашната атмосфера пред зградата на Основното јавно обвинителство. Затоа што токму Јанева, со своето свесно или несвесно поведение во врска со случајот „Империја“ овозможи нарушување на кредибилитетот на целото СЈО и ѝ даде крилја на опозицијата да продолжи со барањата за „заташкување“ барем на дел од случаите што ги покрена обвинителството што таа го предводи. Иднината, пак, на тоа обвинителство станува сè понеизвесна со секој нов заплет во аферата „Рекет“, но и со секој нова блокада во политичките преговори за законот за јавното обвинителство. Затоа што до 15 септември, кога според важечкиот закон истекува мандатот на СЈО, има уште едвај дваесетина дена, како што остана и уште многу малку време до одложената одлука за тоа дали државата ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Од тој аспект, во некои понормални услови, Јанева и Русковска можеби исто така ќе се сретнеа во овој период од годината, но не за едната да ја испрашува другата за случајот со пријавената изнуда, туку како колешки да разговараат за евентуално интегрирање на обвинителствата што ги предводат. Но случајот „Рекет“ ја сврте во спротивна насока комуникацијата меѓу двете обвинителки, со тоа што Јанева овој пат се најде на „другата страна“ како можна прекршителка на Кривичниот законик.

Со вчерашниот распит на Јанева кај Русковска, всушност, е затворен само еден „гем“ од предметот „Рекет“ (кој подолго од еден месец ја тресе политичката сцена во земјава) – ако истрагата за него може да се смета за прв „сет“. Но, со оглед на сложеноста на овој случај, од аспект на неговите не само правни, туку и политички импликации и можни последици за интеграциските процеси на земјава, специјалната обвинителка сигурно не е единствената која очекува забрзување на истрагата, како што изјави при влегување и при излегување од Обвинителството за организиран криминал. Затоа што и по нејзиниот речиси петчасовен престој таму во јавноста остануваат истите недоумици и сомневања околу тоа кои сè ликови од правосудната, политичката и бизнис-сферата се поврзани и на каков начин со аферата која повторно со сета силина ги доведе во прашање принципите на владеење на правото во државата која, пак, токму поради поправањето на своите политички и правни критериуми, се најде на чекор до полноправно членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ.