Неславниот крај на кралот Хуан Карлос


Хуан Карлос требаше да има почесно место во шпанската историја за неговите постигнувања како млад крал. Но по серијата скандали, неговото заминување во егзил е срамно, смета Габриел Гонзалес

Признавам: Хуан Карлос беше еден од моите херои. Но тоа беше одамна. Имав 17 години, живеев во Германија, и тукушто почнував да се интересирам за политика кога, тогаш, младиот крал Хуан Карлос се појави на ТВ екраните. Беше 23 февруари 1981, кога дел од армијата и полицијата се обидоа да извршат пуч против младата демократија. Тенкови на улиците, парламентот окупиран од воените сили, а владата парализирана.
Тогаш овој млад крал, кого многумина претходно го потценуваа, се појави пред камера во униформа на командант на воените сили и им нареди на војниците да се вратат во касарните. Пучот колабираше до следното утро. Хуан Карлос ја спаси шпанската демократија.

Централна фигура на промените

Крајот на Студената војна и падот на Железната завеса постави многу источни и југоисточни европски држави пред задачата да транзитираат од авторитарен систем во демократија на мирен и достоинствен начин. Дел од вниманието во тоа време беше насочено кон Мадрид затоа што Шпанија беше сметана за модел на успешна транзиција, а Хуан Карлос беше централна фигура во тој процес.
Зошто ги набројувам херојските дела на Хуан Карлос? Затоа што во светло на денешните настани и неговите кралски испади, тие се ставаат настрана. И затоа што оваа дискрепанца меѓу неговото славно минато и самонанесениот тежок пад покажуваат колку е трагично неговото заминување во егзил.
Како е можно некој кој ја започна кариерата како монарх толку брилијантно како млад, храбар лидер и бранител на шпанската демократија да падне толку ниско низ годините?
„Човечки, премногу човечки“, веројатно ќе речеше Фридрих Ниче.
„Одличен материјал за мојата следна кралска трагедија“, ќе промрмореше Вилијам Шекспир.
Неславното заминување на Хуан Карлос, кое може да се гледа само како бегство од правдата во Шпанија, е секако, токму она што го очекуваа критичарите на монархијата. Тоа е нормално и исправно: Ниту еден кинг не може да биде над законот. Ќе беше подобро Хуан Карлос да се објаснеше пред суд во Шпанија. Тоа воопшто не треба ни да се споменува во една модерна уставна монархија.

Чувство на неказнивост

Во еден момент, Хуан Карлос почна да се однесува како да може да прави што сака без никаква одговорност: да вика по јужноамерикански претседатели (Уго Чавез, 2007), да оди на сафари и да се фотографира со своите трофеи (2012), и да биде вмешан во серија сексуални излети кои стоички ги поднесуваше неговата сопруга, кралицата Софија. Сега е во центарот на вниманието со корупцискиот скандал во кој е вмешан.
Хуан Карлос одамна стана жална фигура. Како Дон Кихот во ремек-делото на Мигел Сервантес, нему одамна му помина времето и беше забележуван само по срамните постапки. Тој повеќе не го разбираше светот и повеќе не беше во можност ниту сакаше да ги исполнува изменетите барања кон монархијата.
На една од неговите последни фотографии во Шпанија, Хуан Карлос е седнат само и тажен на сопатничкото место во неговиот автомобил. Неговиот поглед е фиксиран на ништо и никаде. Дали сфаќа дека го прокоцка своето почесно место во историските учебници? И дека за тоа може да се обвинува само себеси? Признавам, помалку ми е жал за него. Но неговиот длабок пад е резултат исклучиво на неговите грешки. За мене лично, она што останува е тажната реализација дека остарените херои речиси никогаш не оставаат добар впечаток. (Дојче веле)