ЕК претстави мерки против зголемувањето на цените на фосилните горива и за забрзано обезбедување чиста енергија


Европската комисија денеска предложи мерки против зголемувањето на цените на фосилните горива и за забрзано воведување на обновлива енергија. Координацијата на активностите е од клучно значење, се наведува во соопштението на ЕК по овој повод. Мерките ќе бидат дискутирани на проширениот состанок на Европскиот совет во Кипар во следните два дена.

Комисијата е подготвена да биде координатор во дискусијата за прашањата за полнење на складиштата за гас, обезбедување флексибилност и ослободување на количини на нафтени резерви во земјите од ЕУ. Според ЕК, треба да се дискутираат и националните мерки за обезбедување керозин и дизел, како и производствените капацитети на рафинериите.

Нова работна група на Комисијата ќе го следи производството, увозот, извозот и количините на залихи на транспортно гориво во ЕУ. Ова ќе овозможи брзо откривање на потенцијални недостатоци и, во случај на итно ослободување на залихи, ќе дефинира целни мерки за одржување на балансирана распределба на резервите. Комисијата ќе даде појаснувања за тековното законодавство за авијациско гориво за да се ублажи влијанието на високите цени и евентуалниот недостиг на керозин.

Комисијата забележува дека националните влади можат да преземат целни и привремени мерки за да ги компензираат потрошувачите и компаниите за зголемувањето на цените на енергијата преку шеми за поддршка на приходите, енергетски ваучери, намалување на акцизите на електричната енергија за ранливите домаќинства. Комисијата ќе усвои привремени измени на правилата за државна помош со дополнителна флексибилност и можност за итни мерки за поддршка на најранливите економски сектори.

До летото, Комисијата ќе презентира забрзан план за електрификација, повикувајќи на максимално користење на постојната инфраструктура за обновлива енергија и за брзо реновирање на големи ветерни фарми и електрани за обновлива енергија.

Комисијата ќе презентира нацрт-закон за мрежни трошоци и оданочување, така што електричната енергија ќе се оданочува со пониска стапка од фосилните горива. ЕК ќе им помогне на земјите од ЕУ да го искористат максимално достапното финансирање од ЕУ.

Според Комисијата, на ЕУ ѝ се потребни 660 милијарди евра инвестиции годишно во енергетскиот сектор до 2030 година.

По втор пат за помалку од пет години, Европејците ја плаќаат цената на зависноста од фосилни горива, забележува Комисијата. Од продлабочувањето на конфликтот на Блискиот Исток, ЕУ потроши дополнителни 24 милијарди евра за увоз на енергија поради зголемувањето на цените, без да добие ниту една молекула енергија. Забрзувањето на транзицијата кон чиста, безбедна и прифатлива енергија е од суштинско значење за економијата, заклучува ЕК./МИА