Нервозна битка меѓу германските конзервативци за кандидат за канцелар

Лидерот на баварската ЦСУ, Маркус Зодер, јавно објави дека е подготвен да биде кандидат за канцелар. Армин Лашет, првиот човек на ЦДУ, исто така ја бара поддршката од двете партии
Владејачкиот конзервативен блок во Германија оди кон последната фаза за избор на кандидат за наследник на Ангела Меркел за канцелар, откако лидерите на партиите ЦДУ и ЦСУ ја објавија својата подготвеност да се кандидираат во неделата.
„Подготвен сум за оваа кандидатура“, изјави пред новинарите премиерот на Баварците, Маркус Зодер, по состанокот на извршниот комитет на Христијанско-демократската унија на Меркел (ЦДУ) и нејзината сестринска партија од Баварците, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), која ја предводи Зодер.
Говорејќи на истата прес-конференција, лидерот на ЦДУ, Армин Лашет, исто така, ја објави својата „подготвеност да се кандидира за канцелар“. Тој додаде дека и двајцата политичари се согласиле нивните партии да одлучуваат „многу брзо и многу навремено“ кој ќе биде конечен кандидат. „Нашата цел е… да постигнеме што е можно повеќе единство меѓу ЦДУ и ЦСУ, бидејќи многу работо се во прашање“, рече Лашет. „Европа гледа како се развива Германија. Светот очекува стабилна Германија“.
Додека Зодер може да смета на поддршката на неговата ЦСУ, сега многу работи зависат од тоа дали ЦДУ ќе застане целосно зад Лашет, кој ја презеде функцијата лидер на партијата во јануари и оттогаш страда од слаб рејтинг на популарноста. Некои може да одлучат да го поддржат Баварецот кој ужива многу поголема популарност кај гласачите.
Зодер призна дека конечната одлука лежи во ЦДУ: „Ако [мојата кандидатура] е она што го сакаат партијата, пратеничката група и членовите, тогаш ми е јасно дека не можам да отстапам, но мора да се соочам со моите одговорности“, рече тој. „Но, исто така е јасно дека ако поголемата сестра [партијата] каже дека ова не е нејзин предлог, дека таа има друг предлог… тогаш и јас би го прифатил тоа. Ние не сакаме поделба, сакаме единство“.
Унијата ЦДУ/ЦСУ се соочува со внатрешен притисок за брзо одлучување за водечки кандидат за изборите на 26 септември, бидејќи нејзиниот рејтинг тоне, а второпласираната партија на Зелените треба да го избере својот главен кандидат на 19 април. Меркел рече дека нема повторно да се кандидира на изборите.
Поддршката за ЦДУ/ЦСУ падна во анкетите за јавното мислење од 36 проценти во јануари на 27 проценти, додека Зелените го подобрија својот рејтинг од 19 на 22 проценти во истата временска рамка.
Одлука може да дојде веќе во понеделник, кога ќе се состане раководството на ЦДУ. Неодамнешните анкети покажуваат дека Зодер има добра шанса да добие поддршка од неговата сестринска партија: анкета на радиодифузерите РТЛ и НТВ минатата недела сугерираше дека 38 проценти од Германците би гласале за него за канцелар, пред Зелените и Социјалдемократската партија, додека Лашет би добил само 17 проценти, ризикувајќи пад на ЦДУ/ЦСУ на второто или дури третото место на гласањето во септември.
Друга анкета на јавниот радиодифузер ВДР во неделата покажа дека дури и на домашниот терен на Лашет во Северна Рајна-Вестфалија, каде што тој управува како премиер, неговиот рејтинг на популарност падна од добри 34 процентни поени во јануари, на само 26 проценти.
Со очигледен удар кон Лашет, Зодер истакна дека „кандидатот за канцелар треба да биде оној што има најголеми шанси да биде избран“.
Во интервју за неделникот БИЛД на Сонтаг, објавено претходно во неделата, Лашет го минимизираше својот слаб рејтинг на популарноста и рече дека успеал да ја собере партијата откако го освоил раководството на партијата во јануари и дека „добива голема поддршка“.
Лашет исто така рече дека се залага за континуитет со политичките цели на Меркел: „Со години сум во договор со канцеларката за основни политички прашања – од спасување на еврото до политика за бегалци. Дури и кога конфликтот со ЦСУ ескалираше пред две години околу европската политика за бегалци. Таквиот раздор никогаш не смее да се повтори“.
Овие коментари беа насочени против Зодер, кој постојано се бунеше против бегалската политика на Меркел и одигра клучна улога во ескалираната политичка борба во јуни 2018 година, која се закануваше дека ќе ја урне владата.
Зборувајќи за битката против пандемијата на корона вирусот, друго разединувачко прашање во германската политика, Лашет се залагаше за рано запирање на приоритизацијата за староста за вакцинација, откако најстарите и најранливите лица добија вакцина, за да им се овозможи на сите заинтересирани возрасни да закажат вакцинација.
„Кога ќе се појават големи количини на вакцини на крајот од пролетта, приоритетите за вакцинација треба да се намалат и вакцинирањето треба да се отвори за сите“, рече тој. „Тоа би бил важен градежен блок во градењето на мостот до лето со многу поголема слобода“. (Политико)