Неправичност и правичност

Никола Поповски

Управата за јавни приходи ги објави обработените податоци за персоналните приходи на граѓаните и платените даноци за нив во нашава земја за 2017 година. Тие се вреден аналитички материјал за истражувачите, но со право поширокиот интерес го предизвикуваат токму податоците за најголемите примања на поединечни граѓани по разни основи и дејностите од кои тие приходуваат, како и податоците за највозрасните и најмладите лица што оствариле милионски приходи и слично.

Ќе се задржиме на еден од тие податоци со цел да укажеме на целата апсурдност, неодржливост и недоследност на концептот на вкупното оданочување кај нас, особено на пропорционалните, кај нас погрешно прикажани како рамни даночни стапки и системот на зафаќање на придонесите за социјално осигурување. Имено, податоците на УЈП за 2017 година откриваат дека лицето со највисока годишна бруто-плата во таа година е од приватната здравствена дејност и дека таа изнесува близу 168 милиони денари, односно 2,73 милиони евра. Сведено на месечно ниво, тоа просечно би изнесувало околу 227.000 евра. Во нашиот систем во 2017 година на тие приходи се плаќаа 10 отсто персонален данок на доход и придонеси за задолжително социјално осигурување што се плаќаат само до висина од исплатени 16 просечни бруто плати, без разлика колкава е реално земената плата над тој износ.

Во нормален случај на висина на бруто-примањата до 16 просечни бруто-плати тие придонеси би изнесувале околу 27,5 отсто од бруто-платата, но во случајов каде што се работи за енормно повисока бруто-плата од оние 16 просечни, придонесите се наплатиле само на бруто примањата од 16 бруто-плати или на бруто-приходите од околу 6.400 евра месечно, а сè што е повеќе исплатено од тој износ, во случајов до 227.000 евра месечно, е ослободено од ваквите давачка во вид на социјални придонеси. Во конкретниов случај, на бруто-платата од 220.600 евра (227.000 – 6.400) се плаќаат придонеси за социјално осигурување по стапка од 0 (нула) отсто.

Таа, да ја наречеме, аномалија во системот на социјалното осигурување во земјава произлегува од еден факт и едно уверување. Фактот е дека придонесите како еден вид наменски даноци немаат карактер на неповратни плаќања без директна противуслуга од страна на државата, туку обратно, делумно или целосно повратни плаќања од кои произлегуваат и директни противуслуги кон обврзникот – осигуреник. Уверувањето е дека во услови кога таа директна противуслуга од државата е ограничена во вид на плафонирање на можните социјални примања (на пример, пензиските) до одреден максимален износ, тогаш нема потреба давачките во вид на придонеси да се делумно или целосно повратни плаќања, но и целосно солидарни плаќања, туку такви да бидат само до одреден износ, во случајов до износот на примања од 16 просечни бруто-плати. Со тоа се фаворизираат економски помоќните поединци со многу високи доходи, чија солидарност во системот на социјално осигурување е ограничена. Тоа, пак, доведува до состојба во која тие, како процент од вкупно остварениот доход, плаќаат релативно помали вкупни давачки на државата од оние со пониски доходи.

Имено, во случајов тоа изгледа како што следува. Вкупните давачки кон државата по основ на персонален данок на доход и социјалните придонеси од бруто-плата во 2017 година за платите во висина до 16 просечни бруто-плати во економијата изнесувале околу 49 отсто од износот на нето-платата. Но за оние со повисоки бруто-плати тој процент соодветно се намалува бидејќи изостанува оданочувањето со стапката на придонеси за дополнителните (маргинални) примања над 16 просечни бруто-плати. Колку повеќе заработувате, релативно толку помалку вкупни давачки плаќате.

На бруто-месечната плата од 227.000 евра, колку што е онаа највисоката исплатена во Македонија нето-платата, е околу 203.000 евра, односно давачките кон државата по сите основи на таа нето-плата се само околу 24.000 евра односно само околу 11,8 отсто (т.н. ефективна даночна стапка), што е за повеќе од четири пати помалку од давачките од околу 49 отсто на бруто-плата во висина до околу 8.450 евра месечно или околу 102.000 евра колку што приближно изнесувал годишниот износ на 16 просечни бруто-плати. Тоа, де факто, само потврдува дека ние имавме изразено регресивно оданочување каде што колку доходот на поединецот е повисок, ефективната стапка на вкупните зафаќања на личните доходи е пониска со тенденција да достигне висина што е само незначително повисока од 10 отсто.

Тоа не е праведно ниту правично. На таквата неправичност најмногу кумувал погоре опишаниот систем на плаќање на социјални придонеси, но и пропорционалната даночна стапка на ПДД од 10 отсто што, да се потсетиме, во 2017 година сè уште беше во примена. Денес една од неправичностите во оданочувањето на доходот е делумно исправена, па на нето-платата над нивото од 1.000 евра месечно, односно 12.000 годишно, стапката на ПДД (според сегашниот нов закон, стапката на данокот на личен доход) од 2019 година се подигна на 18 отсто. Во конкретниов случај, со највисоката исплатена плата од работен однос во земјава во 2017 година тоа би значело дека износот на данокот на личен доход би бил 10 отсто на нето-платата од 12.000 евра и 18 отсто на дополнителните примања до 203.000 евра, односно на дополнителните 191.000 евра би се аплицирала стапка од 18 отсто. Тоа е значајно, бидејќи разликата во данокот на таквиот доход денес е 8 процентни поени повеќе од претходно.

Кога власта би собрала храброст и горната граница на доходот на која се плаќаат социјалните придонеси дополнително да ја подигне на реално исплатениот износ или барем на многу повисоко ниво од висината на сегашните 16 просечни бруто-плати, тогаш правичноста во одредувањето на вкупниот даночен товар би бил многу поголема. Навистина е неприфатливо граѓаните со годишни примања по основ на бруто-плата во висина од 2,73 милиони евра и понатаму да плаќаат давачки што се релативно пониски од оние со пониски примања и тоа за неколку пати.

Од оваа година дел, но само помал дел од таквата неправда се чини ќе се намали, но тоа не е доволно, ниту прифатливо. Потребни се натамошни умерени но сигурни чекори на властите во вистински правец, со цел да се исклучат можностите за ваква економска и општествена голгота, во која од заработените 2,73 милиони евра од страна на еден или повеќе граѓани сè едно, нашата релативно сиромашна држава не сака да им наплати повеќе од околу 11,8 отсто во вид на јавни давачки, а се работи за економски најмоќни граѓани во општеството.