Нема варварство без поезија

Од Русија до Израел, митските глупости се користат за да се поттикнат садистички импулси и да се оправда неселективно смртоносно насилство кон непријателите. Колективното напуштање на разумот, и таму каде што води, е премногу познато - а сепак останува премногу привлечно


Кога основниот договор што го држи општеството заедно почнува да се распаѓа, што се чини дека се случува ширум светот, гласини и теории на заговор изобилуваат. Дури и кога гласините се очигледно бесмислени, или особено кога се, тие можат да предизвикаат длабоки стравови и предрасуди.

Совршен пример, кој веќе го спомнував, се случи на крајот на август 2023 година, кога свештеникот познат како „отец Антониј“ ритуално ја попрска статуата на Сталин висока осум метри со света вода во регионот Псков во Русија. Иако црквата страдаше за време на владеењето на Сталин, објасни свештеникот, благодарение на тоа имаме многу „нови руски маченици и исповедници на кои сега се молиме и кои ни помагаат во обновувањето на нашата татковина“. Оваа логика е само еден чекор од идејата дека Евреите треба да му се заблагодарат на Хитлер што ги создал условите што овозможиле формирање на државата Израел. Ако тоа звучи хиперболично или како лоша шега, имајте на ум дека некои ционистички екстремисти блиски до израелската влада отворено ја застапуваат токму таа позиција.

За да разбереме како воопшто е успешна оваа изопачена аргументација, прво да констатираме дека во развиените земји доаѓа до експлозија на немири и бунтови кога се намалува сиромаштијата. Протестите од 1960-тите – од шеесетосмашите, soixante-huitards, во Франција до хипиците и јипите во САД – се одржаа во златното доба на социјалната држава. Кога луѓето живеат добро, сакаат уште повеќе.

Треба да се земе предвид и вишокот на задоволство што го носи социјалната и моралната перверзија. На пример, неодамнешниот напад на Исламската држава на арената „Крокус сити“ во Москва, кога беа убиени 144 лица. Она што за некои е тероризам, други го сметаат за чин на вооружен отпор како одговор на огромното уништување што го направи руската армија во Сирија. Како и да е, нешто значајно се случи по нападот: не само што руските безбедносни сили признаа дека ги мачеле осомничените; туку тоа и јавно го покажаа.

„Во експлицитно видео објавено на Телеграм“, пишува Џулија Дејвис од Центарот за анализа на европската политика, „на еден од уапсените му го отсекоа увото, што потоа беше принуден да го јаде“. Не е ни чудо што за некои израелски екстремисти Русија е модел за третирање на уапсените членови на Хамас.

Руските власти го направија тоа не само за да ги одврати потенцијалните идни напаѓачи, туку и за да им пружи задоволство на соплемениците. „Никогаш не го очекував ова од себе“, напиша Маргарита Симонјан, руска пропагандистка која го води државниот медиум РТ, „но кога ќе видам како ги носат наведнати во судница, се чувствувам крајно задоволно“. Феноменот не е ограничен само на Русија. Во Тенеси, некои законодавци бараат да се врати јавното бесење (и тоа на гранка) на осудените на смрт.

Каде е крајот на ова? Зошто едноставно не ја вратиме предмодерната практика на јавно мачење до смрт на осомничените криминалци? Уште поважно, како може „нормалните“ луѓе да се доведат во состојба да уживаат во таков садистички спектакл?

Краткиот одговор е дека тоа бара единствена моќ на некој вид митски дискурс, религија или поезија. Како што објасни Ернст Јингер, неволниот придружник на нацистите: „На секоја борба за моќ ѝ претходи верификација на сликите и иконоборство. Затоа ни се потребни поети – тие го иницираат соборувањето, дури и на титаните“.

Се чини дека поезијата игра важна улога во Израел. На 26 март, „Хаарец“ објави приказна во која објаснува „како израелската војска ја користи одмаздничката поезија за да го зајакне моралот“. Антологија објавена од израелските одбранбени сили носи песни кои „изразуваат желба за одмазда и ја опишуваат борбата во Газа како верска војна“. Во соопштението од 13 октомври, армијата ги поканува потенцијалните автори „да тргнат на поетско патување и повторно да го разгорат големиот израелски дух“ со цел „да го подигнат воениот морал“.

Фактот што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги спомна Амаличаните (библиски непријатели на Евреите опишани во Тора) по 7 октомври очигледно не беше доволен. Требаше да биде дополнет со современ стих. Или можеби библиската референца на Нетанјаху пренесе повеќе отколку што сакаше. На крајот на краиштата, според Стариот завет, кога Евреите пристигнале до ридот во Јудеја под кој живееле Амаличаните, се појавил Јехова и му наредил на Исус Навин да ги убие сите, вклучително и нивните деца и животни. Ако тоа не е „етничко чистење“, тогаш поимот не значи ништо.

Вреди да се потсетиме дека Германија беше позната како земја на поети и мислители – Dichter und Denker – пред да се сврти кон судиите и џелатите, Richter und Henker. Но, што ако двете верзии се повеќе слични отколку што изгледаат? Ако нашиот свет постепено се претвора во свет на поети и џелати, ќе ни требаат повеќе судии и мислители за да се спротивставиме на новата тенденција и да си ја вратиме моралната основа.

(Славој Жижек, професор по филозофија на Европската школа за постдипломски студии, е меѓународен директор на Институтот за хуманистички науки Биркбек на Универзитетот во Лондон. Текстот е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)