Нема одложување на кредитите за сите – банките ќе оценуваат кому е тоа неопходно


Само граѓаните кои имаат реална, неопходна потреба ќе добијат можност уште шест месеци да ја одложат отплатата на кредитите кон банките, соопшти Македонската банкарска асоцијација. Под тоа се подразбира ако на пример некој останал без работа, има намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. Тоа значи дека вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата.

Банкарите информацијата до медиумите ја проследија откако претходно денес Народната банка соопшти дека според веќе донесените одлуки на централната банка, банките можат да овозможат уште едно пролонгирање на отплата на кредитите кои граѓаните ги имаат кон нив.

Во соопштението до медиумите, МБА појаснува дека заклучно со 30.9.2020 година завршува периодот на одложена отплата на кредитните производи за население согласно понудата која деловните банки ја објавија за сите свои корисници на почетокот на април годинава, во согласност со регулативата на НБРСМ.

Во меѓувреме, дел од клиентите одлучија да се вратат во редовна отплата на кредитите додека сите други согласно Договорите за кредитните производи почнувајќи од октомври/ноември ќе продолжат со редовна отплата на обврските.

Сепак, согласно со регулативата на Народната банка, имајќи ги предвид продолжените несакани ефекти од пандемијата на ковид-19 врз економијата и врз животот на граѓаните, банките во Република Северна Македонија ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. Вториот период на одложена отплата нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата.

Детални информации, во рамки на своја постапка и методологија, секоја деловна банка ќе објави на својата интернет-страница во најкус можен рок околу процесот и постапката преку која ќе се овозможи вториот период на одложена отплата. Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата.

Граѓаните се охрабруваат да пристапат до својата банка преку нејзината интернет-страница, или преку други канали за комуникација определени од банката, и да побараат да се вклучат во постапка за одложена отплата. Притоа ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука.

Со оваа активност, граѓаните ќе бидат во можност да користат до 6 месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка.

Секако, граѓаните при променети, подобрени услови ќе можат да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените 6 месеци.