Нема механизам за вработените во моловите откако за влез е потребен сертификат


Фото: Б. Грданоски

Од денеска почна примената на најновите мерки за заштита од ширење на Ковид-19, меѓу кои се вели дека за влез во затворените трговски центри потребно е да се покажесертификат за вакцинација. 

Од тука се наметна прашањето дали тоа значи дека вработените во моловите треба да се вакцинирани за што би имале сертификат, дали ќе прават ПЦР тестови или се прележани од Ковид-19 во последните не повеќе од 45 дена. Исто така, се поставува и прашањето што со оние вработени кои заради одредени заолувања кои ги имаат не смеат да се вакцинираат или пак се работи за жени-вработени коис е бремени и не сакаат да примат вакцина.

– Нема укажување за вработените, ние немаме механизам тоа да го направиме, меѓутоа мерките се однесуваат на просторите и местата кадешто има масовни настани, односно масовно присуство на луѓе, кадешто може да има трансмисија на вирусот. И тоа е целта и тоа е логиката позади овие мерки.Таму кадешто видовме дека има таква трансмисија на вирусот, тоа да го спречиме. Тоа е целта. предизвици секогаш ќе има, некои технички прашања во делот на спроведување, некои логични прашања кои ќе се наметнуваат, па ќе одговориме секако на било кој на кој ќе му треба дообјаснување. Но, што е целта? Да се стимулира вакцинацијата. Зошто? Еве гледаме дека во градовите кадешто е повисок опфатот со вакцинација, засега, се надевам дека така ќе остане, нема притисок во болница, тоа се Битола, тоа е Охрид, Штип. Вакцинацијата таму е близу 50 отсто – одговори на овие прашања министерот за здравство Венко Филипче, денеска по прославата на Денот на Армијата.

На прашањето кој ќе ги проверува сертификатите, Филипче вели инспекторатите. На дополнително прашање дали во секој трговски ќе има инспектор кој ќе кружи и ќе проверува, Филипче вели дека тоа се технички детали, но е во рамките на инспекторатите кои тоа ќе го контролираат.