Неколку заклучоци од прес-конференцијата на д-р Жарко Караџовски


Љупчо Поповски

Во некоја рака, денешната тензична прес-конференција во Владата за развојот на ситуацијата со епидемијата на корона вирусот беше своевиден „ала Трамп“ судир на претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, со медиумите. Новинарите, наострени со прашања за очајот што ја зафати државата околу вториот пик во првиот бран, или првиот пик во вториот бран, влегоа во остра со дебата со Караџовски, од која некои работи сега изгледаат појасни.

  1. Лекарите изгледа дека се на работ на енергијата

Новинарите изгледаа затечени од острината на одговорите на доктор Караџовски (кој , за волја на вистината, ретко кога бил со некаков умерен политички речник) кога требаше да ја брани својата чест и честа на неговите колеги од Комисијата за заразни болести. Без оглед што тој тврдеше дека е смирен, неговите одговори беа полни со набој, па дури и нетрпение. Изгледа разбирливо однесувањето на Караџовски – до пред некоја недела големиот дел од јавноста генерално ја фалеше работата на Комисијата, но кога дојде до драматичен пораст на бројот на инфицираните, таа иста Комисија требаше да биде ставена на олтарот како жртва. Изгледа дека Караџовски и неговите колеги, не само во Комисијата, туку и епидемиолозите, лекарите во инфективните одделенија се на работ од силите по трите месеци секојдневна исцрпувачка работа да им помогнат на заболените граѓани и сега наеднаш бранот на револт треба да ги однесе во длабочините на граѓанското незадоволство. Караџовски и останатите лекари потстанаа од апелите за придржување кон мерките, но последниве десетина дена нивните повици како да се удираа во некаков замислен ѕид и им се враќаа назад.

Многумина ќе го критикуваат Караџовски и други негови колеги дека вината за проширување на епидемијата во најголема мерка им ја префрлаат на граѓаните, но во основа, овие критичари, не се во право. Точно е дека Комисијата направи грешки во чекорите, но многу поточно е дека непочитувањето на мерките од страна на граѓаните го направи своето. Секој од нас може да се лути доколку биде посочена неговата неодговорност, но тоа нема ништо да помогне доколку се однесува ноншалатно кон мерките.

Затоа, фактот дека некој правел свадба во затворено, каде биле присутни сто лица, или неколку десетици лица во Охрид биле на мекици за новороденче, каде присуствувал и заболениот охриѓанец од тамошниот затвор, ги доведува до очај епидемиолозите. Тие мора сега да гаснат пожари заради неодговорноста на други. И прашање е колку брзо може да го изгаснат пред да се прошират.

  1. „Народот ни се води ни се тера“

Речникот на доктор Караџовски некогаш изгледа непримерен, некогаш преостар, но неговата забелешка дека „овој народ ни се води ни се тера“ е само одраз на вкупниот впечаток во јавноста, дури и кога се оценува самата себеси. Прво беше дека карантинот трае премногу долго и дека веќе треба да се олабави и дури да се крене целосно; а сега истата таа јавност вреви дека карантинските мерки пребрзо биле напуштени. Прво бараа да се отворат кафеаните и кафулињата (за потоа во некои од нив гостите да се качуваат на маса и да се веселат како да го избегнале крајот на светот). Кога граѓаните сфатија дека невнимателното пиење кафе со повеќе луѓе на масите станува преголем ризик, почнаа поертко да одат во кафулињата. Сега нивните сопственици се жалат дека гостите се проретчиле откако нагрнаа во првите два-три дена. Во Холандија пред некој ден ги отворија рестораните и пабовите, но таму може да се отиде само со претходно резервирање и оставање на личните податоци кај сопствениците. Сличната мерка овде веднаш се оцени како неспроведлива, па дури и како упад во личните права на граѓаните. Она што чини денеска, утре не чини, она што денеска ќе го пофалиме утре ќе го кудиме – па тројката од прес-конференцијата мораше да се труди да ги истрпи ударите, но докторот Караџовски беше најмалку смирен.

  1. Прашања со политичка агенда

Она што последните денови изгледаше како внимателно политичко балансирање денешнава прес-конференција во голема мерка го претвори во пропагирање на политичка агенда. Наеднаш повеќе новинари го презедоа вокабуларот од прес-конференциите на опозициската партија, па дури и тогаш кога поставуваа многу коректни и точни прашања. Но преземањето на опозициската реторика за оставка на Караџовски, како тој да е главниот ширач на вирусот и дека неговото заминување како со некое самовилчско стапче ќе го реши проблемот, е застанување во редот на политичката агенда. Интервјуата подоцна во денот на двајца исклучително ценети лекари – Ѓорѓи Оровчанец и Никола Пановски – во кои тие беа исклучиви дека Комисијата во никој случај не треба да поднесе оставка во оваа фаза на епидемијата, е повеќе од некаква колегијалност. Тие добро знаат што значи во едно масовно ширење на вирусот наеднаш да ги смениш тие кои имаат целосен преглед на развојот на ситуација, а потоа некои други во наредните две недели да се запознаваат со тоа. Тоа не би било драматично губење време, туку своевидно злосторство.

Никој не може да тврди дека Караџовски и екипата од Комисијата не направиле погрешни проценки (а уште повеќе дека Главниот штаб и техничката Влада не направиле многу поголеми погрешни проценки водени од политичките интереси), но вината да се лоцира само кај дваесетте души во Комисијата е кратковидо и неумесно. Политичарите имаат една агенда, а медиумите имаат сосема друга, и тие во никој случај не треба да се претставуваат како некаква партија, било да е од опозицијата било да е од власта.

  1. Јасни пораки за жариштата

Прво тоа се кажуваше срамежливо, потоа поотворено, но на доктор Жарко Караџовски треба да му се оддаде признание што денеска јасно ги кажа причините за драматичниот пораст на инфекциите во Скопје и ги наведе ифтарските вечери на поголеми групи луѓе во затворен простор. Во општеството, кое постојано се труди да одржи некаков баланс меѓу етничките заедници и религиските групи, ова брутално разјаснување на главниот меѓу епидемиолозите беше соочување со реалноста и повик да се помогне во гаснењето на жариштата, а не да предизвика некаква нетрпеливост. Караџовски тоа можеше да го каже и на поинаков јазик, но очигледно дека тој не може да се снајде со таква мека реторика. Затоа, подобро тоа да биде јасно, без оглед што некој ќе се чувствува погоден, отколку да се прикрива реалната ситуација.