Неизборна кампања


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Во отсуство на побомбастични информации за евроатлантските интеграции или за случајот „Рекет“ или за законот за јавно обвинителство… и некои слични теми од поголем политички калибар, една од главните вести во текот на вчерашниот ден беше дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порелаксирано од вообичаено го поминал викендот. Тој стигнал да засади три дрвца во Куманово, одговарајќи на предизвикот на неговиот сопартиец Љупчо Николовски и предизвикувајќи нови тројца сопартијци да го направат истото…
Денеска, пак, Спасовски им се враќа на државните обврски, така што, заедно со заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, патува за Женева, каде што во седиштето на ОН ќе реферира за политиките во земјава во однос на бегалците и лицата без државјанство, согласно со агендата на УНХЦР. На попромотивните активности, како потпретседател на СДСМ, веројатно ќе им се врати во текот на продолжениот викенд, кој не е исклучено да биде исто така во атмосфера на предизборие, како и викендот што помина, кога и владејачката партија, но и опозицијата ги ставија на најгласно паралелните и спротивставени кампањи што ги почнаа, на една година до редовниот термин за десттите парламентарни избори во земјава.
Примерот со Спасовски, всушност, не е единствен ниту, пак, суштински за најновите политички случувања во земјава, ама може да послужи како илустрација за придвижувањата и раздвижувањата на политичката сцена – по затворањето на неколку крупни прашања од доментот на билатералната и надворешната политика на земјава, а од друга страна отворањето на неколку корупциски афери, а пред сè на случајот „Рекет“, кој му пресуди на СЈО. Сега, со оглед на извесното полноправно членство во НАТО и очекуваниот почеток на преговорите со ЕУ, по што следува и „влезот“ во изборната година, активирањето на кампањите „На прав пат“ и „Обнова на Македонија“ само на прв поглед е невообичаено од аспект на тајмингот.
Всушност, станува збор за „неизборна“ кампања, за позиционирање на двете најголеми партии на терен – меѓу членството и граѓаните – во очекување на заокружување на неколку крупни прашања од доменот на стратегиските приоритети на земјава. Така ќе се создадат предуслови за нова политичка реалност на домашен план, во зависност и од тоа како СДСМ како владејачка партија ќе успее да ги капитализира овие значајни достигнувањата за државата на надворешно-политички план, наспроти низа грешки и пропусти во делот на внатрешните политики. Тоа на последните претседателски избори беше причина партијата да избори мошне тесна предност во однос на опозицијата и слаб одѕив на гласачите, уште пред откривањето на „Рекет“.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, има мисија да ја минимизира улогата на оваа владејачка гарнитура за враќањето на земјава на евроатлантскиот колосек, со тоа што ќе ги предимензионира грешките во практикувањето на власта и ќе ги релативизира своите „заслуги“ во однос на блокадата на евроатлантските процеси, за што најексплицитен беше примерот со бојкотот на референдумот за името, а потоа и на уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор, каков што е сега и случајот со незаинтересираноста да се обезбеди консензус за законот за јавно обвинителство, за пописот или за измените во Изборниот законик.
И додека карваните на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се разминуваат на терен, на „маргините“ на политичката арена се случуваат други раздвижувања, односно се развиваат иницијативи за формирање две нови партии – едната т.н. „Концепт за Македонија“, која цели на незадоволниците од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што беа исклучени или деградирани многубројни познати или помалку познати ликови, главно поради поддршката за Преспанскиот договор како гаранција за отворање на евроатлантските перспективи на државата. Втората „Твоја партија“ цели кон политичкиот центар, ама со оглед на платформата што ја најавува извесно е дека би имала подобар пробив меѓу гласачи од орбитата на СДСМ, отколку во десничарскиот табор.
Вакви иницијативи за нови политички субјекти не се нешто невидено и нечуено досега во година пред парламентарни избори. И во овој случај беше очекувано дека ќе се наметне потреба за освежување на политичката понуда. Со оглед на немоќноста на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ да се реформира по смената на кормилото на партијата и продолжувањето и како опозиција со политиките како од времето на Груевски, кои доведоа до блокада на евроатлантските процеси на земјава, прашање на ден беше кога ќе се „излее“ незадоволството на полибераните и попрогресивни партиски кадри. Исто така, беше очекувано дека околу СДСМ ќе се создаде поголема критична маса, со оглед на неможноста на ова партија по доаѓањето на власт да испорача практикување на правдата, како што се очекуваше во времето кога низ улиците во земјава парадираше „Шарената револуција“.
И сето тоа е легитимно и добредојдено за плурализмот и демократијата во земјава. Само прашање е дали новите политички субјекти што се најавуваат би можеле да се позиционираат соодветно на следните избори и да издржат надвор од „покривите“ на големите партии. Затоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а богами и ДУИ, ако не за друго, тогаш барем имаат премолчен консензус во однос на тоа дека моделот со шест изборни единици и не е толку лош за да не може да се практикува и понатаму, наспроти нивните експликации во јавноста дека би било покорисно да се воведат една или три изборни единица или да се врати мнозинскиот модел. Всушност, најмногу поради изборниот модел кој егзистира од 2002 година досега, помалите партии сето ова време тешко се пробиваат сами в парламентот, а и ако забележат почетен успех, тој е еднократен.
Сепак, останува надежта дека во наредната половина година СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ… можеби ќе стигнат да направат пауза од кампањите што ги почнаа и ќе седнат да се договорат и за нови изборни правила, па и за друг изборен модел. Затоа што кампањите, особено кога не се во критичен предизборен период, не смеат да бидат изговор за отсуство на реформи.