Недостиг на ќебапи во Германија поради протестите на возачи на камиони од Балканот


Построгите правила на ЕУ за влез во Шенген зоната доведоа до прекини во снабдувањето со стоки во Германија, а една од неочекуваните последици е недостатокот на ќебапи. Причината се протестите на возачите на камиони од земјите од Западен Балкан кои го изразија своето незадоволство од новите прописи со блокирање на границите, пишува германскиот регионален портал wa.de.

Блокадата, која започна на 26 јануари, предизвика долги редици камиони и го забави движењето на стоки, иако патничкиот сообраќај претежно се одвива непречено. Транспортните компании од Балканот предупредуваат дека новите правила сериозно го попречуваат нивниот бизнис во меѓународниот транспорт, а последиците веќе се чувствуваат во Германија, особено во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, пренесува Индекс.хр.

Големите германски компании кои увезуваат стоки од Балканот се соочуваат со намалени испораки. Една од погодените компании е Hanex GmbH од Падерборн, која потврди дека граничниот застој веќе предизвикал недостиг на ќебапчиќи и други балкански производи популарни во Германија. Компанијата се надева на брза нормализација на снабдувањето, што зависи од целосното укинување на блокадата.

Возачите на камиони бараат промена на нивниот статус, така што тие не се третираат како туристи во Европската Унија, туку како професионалци. Клучното барање е исклучок од правилото што го ограничува престојот во Шенген зоната на максимум 90 дена во рок од 180 дена.

Европската комисија го призна проблемот и презентираше решение. Според предлогот, возачите на камиони, како и спортистите и уметниците на турнеја, ќе добијат посебен статус што ќе им овозможи да останат во Шенген зоната подолг период. Најавено е дека одлуката би можела да се донесе оваа година.

Предлогот од Европската комисија ги поттикна возачите на камиони од Црна Гора и Северна Македонија вчера да ги прекинат блокадите. Нивните колеги од Србија и Босна и Херцеговина првично одлучија да го продолжат протестот, но и српските транспортери денес објавија дека ја прекинуваат блокадата на граничните премини.

И покрај ова, се очекува недостигот на ќевапчиќи и други производи да продолжи сè додека синџирите на снабдување не се нормализираат целосно.