Недела неработен ден стартува од 1 октомври – еве ги исклучоците
Владата денеска го утврди текстот за измените и дополнувањата на законите за работни односи и за трговски друштва, со кои неделата се прогласува за ден за одмор, соопшти денес на прес конференција премиерот Зоран Заев. Оваа долго најавувана новина ќе почне да се применува од 1 октомври, откако законските измени ќе бидат потврдени и од Собранието. Оние што сепак, ќе мора да работат и во неделите, ќе добиваат поголеми дневници за 50 проценти и повеќе и слободен ден.
„Неделата станува неработен ден, ден на неделен одмор. Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот“, рече Заев додавајќи дека таквата рамнотежа ќе придонесе за поголема ефикасност и мотивираност на работното место, но и да се има време за приватен живот.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска појасни дека вработените во секторите кај кои не е можен прекин на техничко-технолошкиот процес, ќе добиваат дневница, повисока за најмалку 50 отсто од редовната, како и слободен ден кој ќе треба да го искористат во наредните седум дена.

Работодавaчите кои ќе го прекршат законот, ќе им се забрани работа од 15 дена и ќе им се издаде прекшочен патен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок за плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не може да го намали бројот на работници, појасни министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, појасни дека во измените се предвидени и одредени исклучоци за дејности на кои ќе биде дозволено работењето во недела и на празници.
„Во недела ќе можат да работат продавници за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност“, рече Бектеши.
Тој додаде дека продавниците на бензиските станици, како и оние во трговските центри во неделите ќе работат само во една смена, од 10 до 18 часот . Истото се однесува и продавниците во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун, како и зелените пазари.

„Со овој закон е предвидено додатокот на плата за работа во недела ќе изнесува 100 проценти за секој час поминат на работа во недела и за празници. Исто така, за трговските субјекти кои ќе работат во недела се утврдува надоместок од 2 отсто од вкупниот приход остварен минатата година во недела и на празници, а тие средства ќе се инвестираат во детски градинки“, објасни Бектеши.
Премиерот Заев нагласи дека измените се резултат на дијалогот меѓу трите социјални партнери – Владата, работавачите и синдикатите. Притоа, како што истакна, станува збор за ветување што владата го посочи како еден од нејзините приоритети.