Недела на шведски филм од 6 јули во Кинотека


Сцена од „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд

Каратеристични по посебната атмосфера, посебниот пејсаж и (се)присутниот момент на интроспекција, шведските филмови од самиот почеток на националната кинематографија се наметнаа како најбитни и како највлијателни во рамките на скандинавското кино.

Почетоците на шведската кинематографија датираат од првата декада на минатиот век. Во 1911 година се оформува институцијата Svenska Biografteatern, а во неа се вработуваат филмските автори Виктор Шјостром и Мориц Стилер. Одличното водење на институцијата, како и соработката со актерката Грета Гарбо, го каракеризираат почетокот на шведското кино.

Во 1940-те, на филмската сцена се појавува Ингмар Бергман, секако напознатиот и најпочитуван скандинавски филмски автор. Една деценија подоцна, по појавувањето на култниот филм Седмиот печат, Бергман станува интернационално признаен филмаџија, посебно почитуван во академските интелектуални кругови. Неговите филмови од првата половина на шеесеттите, The Virgin spring (1960) и Through a Glass Darkly (1961), ја добиваат престижната награда Оскар за најдобар странски филм. На самиот крај на таа декада, на кино сцената дебитира Рој Андерсон, уште еден битен и карактеристичен шведски филмаџија. Неговиот  Lördagen den 5.10 од 1969 г., ја добива главната награда на филмскиот фестивал во Берлин. Во осумдесеттите години од минатиот век Ингмар Бергман се пензионира, а Ласе Халстром, режисерот на видео-спотовите за сингловите на групата АББА, добива две статуетки Оскар за играниот проект My Life as a Dog.

Во првата декада од новиов милениум, најголем инернационален успех на шведската кинематографија е Милениумската трилогија, направена по романите на Стиг Ларсон, со Нуми Рапаче во главната улога. Последниве неколку години, пак, Рубен Остлунд е најчесто споменуваниот шведски филмаџија. „Најдобриот наследник на Ернст Лубич“, Остлунд, ја освои главната награда на филмскиот фестивал во Кан во 2017, за горко-сатиричниот приказ на модерната уметничка сцена, The Square. Минатата година повторно ја освои Златната Палма за црната драмска комедија Triangle of Sadness, дел од месечнава програма на Кинотеката. Остлунд и неговиот соработник, продуцентот Ерик Хемендорф, се сметаат за зачетници на пост-милениумскиот шведски нов бран. Насловите од месечниов избор на шведски играни филмови го презентираат токму овој нов и интригантен кино-феномен. Во рамките на кино содржините ќе бидат проектирани новите остварувања на ветераните Ласе Халстром и Микаел Хафстром. Неколкуте остварувања од поновата продукција, потпишани од режисерките Миа Хансен-Лав и Натали Алварез Месен, се вистински кино бисери, задолжителна лектира за филмофилите.

6 ЈУЛИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

 

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА

(Triangle of Sadness)

Игран филм, Шведска, Германија, Франција, Данска

2022, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Херис Дикинсон, Чарлби Дин, Вуди Харелсон, Златко Буриќ, Вики Берлин, Доли Де Леон (Harris Dickinson, Charlbi Dean, Woody Harrelson, Zlatko Burić, Vicki Berlin, Dolly De Leon)

 

ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА навидум е урнебесна комедија, а суштински претставува брутална сатира за богатите луѓе од разни профили – руски олигарси, аристократи со „старо“ богатство, нафатирани трговци со оружје и претставници на „новата класа“, како што се инфлуенсерите на социјалните мрежи – кои започнуваат со уште едно рутинско задоволство какво што е крстарењето со суперлуксузна јахта. На таа јахта има две класи: едната што платила да бидат задоволени сите нивни суптилни барања од храната, пијалоците и останатите тинтрања; другата треба да го одработи тоа, за помал или поголем бакшиш. Инаку, триаголник на тагата е оној замислен облик од нашите лица ако се повлечат линии меѓу нашите очи и коренот на носот.

Морската болест од лулањето на јахтата за време на бурата ќе биде причина да им преседне перверзно богатата вечера на патниците, но најлошото по нив допрва следува. Тука е најбитна реакцијата на капетанот на бродот. Постои изрека која вели дека и пијаниот бега од будалиот – или обратно, сеедно – но капетанот (одличниот Вуди Харелсон) е и луд и пијан. Згора на тоа, е и нихилист според идеолошкото убедување. Можете да ја претпоставите неговата реакција, а резултатот е потоната јахта и неколкумина спасени патници и членови на персоналот на брегот на еден остров кој изгледа дека е пуст.

И во услови кога луѓето се вратени барем два века назад – нема комуникации со светот, нема Фејсбук , Инстаграм и слично – газда е оној што ја поседува храната, колку и таа да е во оскудни количини. Поточно, газдарица, а тоа е Абигејл (Dolly De Leon), нискорангираната асистентка за хигиена на јахтата – што е само звучна титула за чистачка – која е новата „владетелка“ во изменетите правила: ќе преживее тој/таа што ќе се снајде во дивата природа. Постои и стара изрека дека побитно за опстанокот е да знаеш како да уловиш риба отколку да ја испржиш, и во филмот таа е вистинската норма за преживување. Или, можеби, ќе преживее тој/таа што има подобра интуиција?

Социјалната сатира ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА му ја донесе втората „Златна палма“ на шведскиот режисер Рубен Остлунд – по триумфот со КВАДРАТОТ (The Square) во 2017 година – како и повеќето главни награди на Европската филмска академија минатата недела: најдобар филм, најдобра режија и најдобро сценарио (исто Остлунд), а наградата за најдобра главна машка улога ја доби Златко Буриќ (хрватски актер со европска кариера и адреса во Данска). Наградата на Европската филмска академија Остлунд ѝ ја посвети на младата јужноафриканската актерка и моделка Чарлби Дин – во филмот ја игра инфлуенсерката Јаја – која ненадејно почина во август на 32 години.

Се чини дека со ТРИАГОЛНИК НА ТАГАТА е постигнат оној вистински баланс меѓу питкоста на сторијата и нејзината убиствена есенција. Како и да е, сведочиме на менување на претходните улоги во општеството, како во мала револуција. Ваше е да проверите дали и оваа ваква „револуција“ повторно ќе ги изеде сопствените деца?

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

 

7 ЈУЛИ (ПЕТОК), 20:00 ч. 

ХИЛМА

(Hilma)

Игран филм, Шведска

2022, 120 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Ласе Халстром (Lasse Hallström)

Улоги: Тора Халстром, Катерина Чалк, Лили Коле, Лена Олин (Tora Hallström, Catherine Chalk Lily Cole, Lena Olin)

Во режија и продукција на прославениот шведски филмаџија Ласе Халстром, овој филм е прецизно направен биопик за Хилма аф Клинт, креативен гениј, уметница постхумно признаена како прва апстрактна сликарка во историјата на уметноста. Филмот хронолошки го прикажува животниот пат на Аф Клинт, од нејзината младост, спиритуалното будење по прераната смрт на нејзината сестра Хермина, до нејзиното изучување на мистичните книги на Рудолф Штајнер и делата на теозофското движење. Хилма е портет на една храбра жена, далеку пред своето време. Ќерката на режисерот, актерката Тора Халстром, креира одлична филмска ролја како младата Хилма аф Клинт.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

8 ЈУЛИ (САБОТА), 20:00 ч

 

СОВРШЕН ПАЦИЕНТ

(The Perfect Patient a.k.a. Quick)

Игран филм, Шведска

2019, 132 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Микаел Хафстром (Mikael Håfström)

Улоги: Јонас Карлсон, Давид Денцик (Jonas Karlsson, David Dencik)

Во режија и продукција на уште еден ветеран на шведската кинематографија, Микаел Хафстром, долгометражниот игран филм прикажува една вистинита, контроверзна сторија. Базиран е на вистинската приказна на новинарот Ханс Растам за серискиот убиец Томас Квик. Предизвикувачката приказна е досега најголемиот шведски законодавен скандал. Режисерот Хафстром креира интензивен трилер, комплексен психолошки портрет на двајца луѓе подготвени да одат до крај. Но каде се наоѓа тој крај? Дали е воопшто возможно да се извлече нешто конструктивно од целата ситуација? И, која е цената? Актерот Давид Денцик, во 2020 година се закити со наградата за најдобра споредна улога на доделувањето на шведските филмски награди – Guldbagge Awards.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

9 ЈУЛИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч

ЕДНО УБАВО УТРО

 (Un Beau Matin)

Игран филм, Шведска  / Франција

2022, 112 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Миа Хансен-Лав (Mia Hansen-Løve)

Улоги: Леа Сејду, Паскал Грегори, Мелвил Пупо, Никол Гарсиа  (Léa Seydoux, Pascal Greggory, Melvil Poupaud, Nicole Garcia)

Сандра Кинзлер е млада вдовица, која живее во Париз со нејзината осумгодишна ќерка, а работи како преведувачка. Постојано се грижи за нејзиниот татко кој боледува од прогресивна форма на невродегенеративна болест, наречена Бенсонов синдром. Едно утро, во паркот во нејзиниот реон, таа го среќава Клемент, пријател на нејзиниот починат сопруг. Двајцата започнуваат романтична врска. Сандра се наоѓа на крстопат – дали да се предаде на љубовната релација со женет човек, или целосно да се посвети на грижата за нејзиниот болен татко. Филмот е добитник на награда од престижниот филмски фестивал во Кан – Europa Cinemas Label Award.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

10 ЈУЛИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

 

МОЈОТ ЖИВОТ КАКО КОМИЧАР

(Еn komikers uppväxt)  

Игран филм, Шведска  / Белгија

2019, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Ројда Секерож (Rojda Sekersöz)

Сценарио: Јонас Гардел (Jonas Gardell)

Улоги: Јохан Реборг, Локе Хелберг, Елисабет Кси (Johan Rheborg, Loke Hellberg, Elisabet Xie)

Во оваа шведско-белгиска копродукција, писателот Јонас Гардел го адаптира сопствениот бестселер на големото платно, автобиографската приказна за неговото созревање во Шведска во 70-те години од минатиот век. За младиот Јуха, растењето во помал град претставува постојано докажување, предизвик. Барајќи начин како да го избегне честото малтретирање од соучениците, тој започнува да се преправа и да ги исмејува познајниците и пријателите. Набргу, станува популарен во друштвото и, уживајќи во новостекнатата популарност, продолжува да ги исмева останатите. Како возрасен човек и професионален комичар, настапува пред полни сали со неговите анегдоти од детството. Но, откако ќе се сретне со стар познајник од младоста, Јуха почнува да ги премислува и преоценува неговите постапки од порано. Сево ова води кон еден неочекуван расплет на настаните…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

11 ЈУЛИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

438 ДЕНА  

(438 dagar)

Игран Филм, Шведска

2019, 124 мин., колор, ДЦП

Режија: Јеспер Ганслант (Jesper Ganslandt)

Сценарио: Петер Биро, Јохан Персон, Мартин Шибје (Peter Birro, Johan Persson, Martin Schibbye)

Улоги: Густаф Скарсгард, Матијас Варела, Фајсал Ахмед (Gustaf Skarsgård, Matias Varela, Faysal Ahmed)

Истражувачките новинари Мартин Шибје и Јохан Персон, по неколку месеци интензивна подготовка, вечерта на 28 јуни 2011 година ја преминуваат границата помеѓу Сомалија и Етиопија. Неколку дена подоцна, двајцата Швеѓани се пресретнати и уапсени од етиопската армија. По брзото, речиси кафкијански бесмислено судење, тие се осудени на повеќегодишна, тешка затворска казна. Но приказната ни оддалеку не е завршена. Напротив. Во затворот, запознавајќи се со останатите политички затвореници, Мартин и Јохан отвараат ново животно поглавје. Филмот, базиран на вистинските приказни на двајцата новинари, е храбро дело, визуелен проглас против диктатурата, нечовечноста, но и против апатијата и отуѓеноста на современиот човек. Истовремено е и посвета на храброста, истрајноста и пријателството. Во режија на Јеспер Ганслант, 438 денови беше еден од најгледаните шведски филмови во последниве неколку години.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари

12 ЈУЛИ (СРЕДА), 20:00 ч.

КЛАРА СОЛА

(Clara Sola)  

Игран филм, Шведска  / Коста Рика

2021, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Натали Алварез Месен (Nathalie Álvarez Mesén)

Улоги: Даниел Кастанеда Ринцон, Венди Чинчила Араја, Ана Јулија Еспиноза (Daniel Castañeda Rincón, Wendy Chinchilla Araya, Ana Julia Porras Espinoza)

За мистичната Клара, која има четириесетина години, нејзините соселани веруваат дека има посебни исцелителски моќи, благодарејќи на нејзината наводна поврзаност со Бог. Тоа уште повеќе ја јакне вештината што Клара ја има и затоа животот го минува во природа опкружена со животните. Таа живее под силната заштита на својата мајка, која е многу загрижена поради вродениот физички деформитет на Клара. Но таа ќе почне да се повлекува од закрилата кога ќе ја обземе сексуалниот порив, здогледувајќи го момчето на внука ѝ. Чуствувајќи ја силно новодојдената емоција, Клара ги надминува физичките и духовни граници. Ја оттурнува наметната улога на светица, и го започнува долгиот пат на самоспознавање. Режисерката Натали Алварез Месен, по потекло јужноамериканка, родум од Коста Рика, креира филм во кој ги сврзува магичниот реализам и психо-сексуалната драма. Овој филмски ракопис наречен Клара Сола се здоби со позитивни критики на престижниот филмски фестивал во Кан. Тој исто така беше номиниран за статуетката Оскар во категоријата на најдобар странски филм.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 150 денари