Не се проблем само вакцините – има недостиг и на шприцеви


Кинеските производители на медицински шприцеви предупредуваат дека некои нарачки веројатно нема да бидат исполнети до јуни поради невидена побарувачка создадена со вакцинација против КОВИД-19 во земјите низ светот.

Земјите ширум светот започнаа амбициозни кампањи за вакцинација во текот на минатиот месец за да се спречи ширењето на корона вирусот. Кабинетот на новиот американски претседател Џо Бајден сака да вакцинира 100 милиони луѓе во првите 100 дена, а нивните напори да „земат“ што повеќе дози од шишенца вакцина Фајзер поттикнаа непредвидена побарувачка за медицински шприцеви.

Американскиот добавувач на шприцеви Бектон Дикинсон предупреди дека побарувачката го надминува постојниот капацитет, дозна Ројтерс минатата недела, пренесува Хина.

Најголемите светски производители на шприцеви се Индија и Кина, цитира Ројтерс индустриски лидери.

Компанијата Zhejiang KangKang Medical Devices почна да потпишува договори во декември за извоз од 10 до 20 милиони шприцеви. Пред пандемијата, според извршниот директор Гуо Чун, биле нарачани околу пет милиони шприцеви. Компанијата посочува дека ги проширува своите капацитети за четири пати да го зголеми производството на одредени видови шприцеви до мај, додавајќи дека дотогаш само делумно ќе исполни големи нарачки, пренессе СЕЕбиз.

Цените на шприцот се зголемија тројно од периодот пред пандемијата, скокајќи од 0,1 јуани (1,55 центи) на сегашните 0,3 јуани, забележува Гуо.

Сигнали за проблеми при исполнување на нарачките доаѓаат и од Шандонг Кјаосен, добавувач на американскиот Бектон Дикинсон.

„Ние сме многу внимателни кога примаме нови нарачки“, посочуваат од Шандонг Кјаосен.