Не само култура: Политика и гламур на отворањето на 66. Охридско лето (галерија)
Половина државен врв и дипломатите годинава се симнаа од камените трибини во партерот на отворањето на 66. Охридско лето, синоќа, со спектакуларна оперска гала вечер „Љубов“, преполн Антички театар и повеќе од 4.000 посетители, оставајќи впечаток дека сакаат да бидат поблиску до културата, но и до камерите, фотоапаратите и телохранителите.

Во меѓувреме, дамите се натпреваруваа со впечатливи, џиш гламурозно тоалети, особено претседателката Гордана Силјановска-Давкова и министерката за енергетика Сања Божиновска, но и оперската дива од Албанија Ермонела Јахо , претворајќи го претстижниот културен фестивал во вистинска модна писта.

Вечерта уште еднаш покажа дека отварањето на Охридско лето, кој привлече бројни спонзори, не е само културен, туку и општествен настан каде што вниманието подеднакво го привлекуваат уметноста, модата и јавните личности.

Јубилејниот концерт, кој беше празник и за уши и за очи, со впечатливиот видеобим и цветниот аранжман и за кој билетите беа целосно распродадени уште две недели пред почетокот, предизвика рекорден интерес кај публиката и ја потврди довербата што фестивалот ја ужива кај љубителите на врвната уметност.

Почна со коктел на Горна порта за уважени гости од генералниот спонзор , во присуство и на директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, продолжи со незаборавна фестивалска вечер, исполнета со емоции и аплаузи за албанската сопранистка Ермонела Јахо и американскиот тенор Чарлс Кастроново, со најубавите арии и дуети од богатата оперска литература, а синоќа кулминираше доцна во ноќта со традиционалниот коктел кај претседателката Давкова во нејзината резиденција во Охрид.

Фестивалот, синоќа, за отворен го прогласи покровителот, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која потсети дека пред шеесет и шест години, под сводовите на Света Софија, оперската дива Ана Липша-Тофовиќ ги отпеала првите фестивалски тонови, означувајќи го почетокот на „Охридско лето“ коешто сè уште живее.

„Оттогаш до денес, многу генерации уживале во привилегијата да се дружат со врвни музички и театарски личности, познати, обожавани и посакувани на најпознатите уметнички сцени, како исклучителни творци на високи духовни дострели. „Охридско лето“ помни, симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање, срушени предрасуди и научени лекции, културна дипломатија и универзален уметнички јазик“, рече Давкова.

Обраќајќи се на отворањето на фестивалот, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека токму во Охрид, историјата, природата и духот живеат во тивка, возвишена хармонија. Според него, секој камен, секој бран на езерото, секоја нота што ќе одекне од фестивалот, сведочи дека цивилизациите не се препознаваат по моќта, туку, како што кажа, по убавината што ја оставаат зад себе.
„Охридско лето никогаш не било само обичен фестивал. Тоа е жива потврда дека Македонија отсекогаш знаела дека културата не е луксуз за добри времиња, туку предуслов за достоинствено постоење. Не за да нè затвори во нас самите, туку за да нè отвори кон другите без да престанеме да бидеме свои“, рече Љутков.

Уметничката порака на фестивалот „Охридско лето“ годинава ја прочита оперски првенец Игор Дурловски.
Фото: Охридско лето, ФБ постови








