„Не правиме провокација“, вели претседателот на клубот „Цар Борис III“


Томе Блажевски, претседателот на бугарскиот клуб во Охрид

 

Томе Блажевски, претседателот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис III“ вели дека здружението е отворено пред една година со сите документи, со целиот почит кон државата, институциите и законите. Во изјавата за медиумите по днешното тензично отворање во Охрид тој рече дека „ние сме почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис III како еден бугарски цар. Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо друго“.

Тој го оцени протестот против отворањето како граѓанско право и дека не можат да запрат никој.

„Ние ниту сме помислиле да направиме некоја провокација, ниту ништо. Ние си живееме во Охрид, во Македонија. Не сме имале проблем со луѓето. Не сме провоцирале некој. Сѐ се исполитизира и тоа е“, изјави Блажевски.

Според него, од отворањето на здружението пред една година сѐ било нормално и никој не ги стопирал или забранил.

„Последнава година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некои неонацистички или фашистички движења. Доколку имаме нека нѐ судат. Меѓутоа, ние таква работа не сме направиле. Нашето е, како што кажав, само почитувачи и само го избравме ликот на цар Борис како еден бугарски цар и тоа беше се“, изјави Блажевски.

Според него, тие не направиле никаков прекршок и ги запазиле сите закони.

Блажевски рече дека ако некаде згрешиле „се извинуваме на целата јавност. Не направивме никаков прекршок, ги запазивме сите закони со целиот почит кон државата Република Македонија, кон Македонците. Немаме никаков проблем засега, меѓутоа се исполитизира многу работата и се надеваме дека сѐ ќе биде во ред“.