Не пет, туку осум земји од ЕУ се против отворањето нов кластер за Србија
Обидот на Белград да напредува кон ЕУ се судри со ѕид. Европската комисија ја пофали Србија за некои мерки, но земјите членки ги отфрлија таквите тврдења
Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, собрани во Комитетот на постојани претставници (Корепер), не дадоа зелено светло за отворање на Кластерот 3 за Србија на денешниот состанок одржан во Брисел, неофицијално дознава „Современа политика“.
Како што прецизираат извори од дипломатски кругови, осум земји-членки на ЕУ биле против давањето нов чекор во европската интеграција на Белград. На оваа листа се наоѓаат: Холандија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Шведска, како и трите балтички земји – Естонија, Литванија и Латвија.
Како главни причини за нивното противење, овие држави ја истакнаа состојбата со владеењето на правото во Србија и недоволното усогласување на Белград со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, вклучително и неуспехот да се воведат санкции кон Русија.
Две други земји – Данска и Луксембург – беа помалку против, но не беа убедени дека Белград ги исполнил обврските за чистење на корупцијата, спроведување санкции против Русија и заштита на слободата на медиумите, пишува „Еурактив“.
Еден дипломат забележа дека со „толку голема група противници врз основа на такви фундаментални прашања“ е невозможно да се замисли дека предлогот ќе биде примен во блиска иднина.
Потребна е едногласна поддршка од секоја од 27-те земји-членки на ЕУ за да се отвори и затвори кој било од шесте преговарачки „кластери“, тематски области на правото и политиката, што го отежнува патот до членство.
Европската комисијата, на состанокот на Корепер во средата, тврдеше дека Србија „спровела суштински елементи“ и „го поправила назадувањето“, но аргументите беа отфрлени.
Марта Кос, комесарката за проширување, е меѓу силните поддржувачи на приближувањето на Србија кон ЕУ, став што го поддржува Германија.
Неуспехот за Белград е пораз за политиката на Комисијата за користење на „постепена интеграција“, особено на единствениот пазар, за приближување на земјите, нагласува „Еуракстив“.
Поддржувачите на Србија го гледаат проширувањето на Западен Балкан како клучна геополитичка стратегија за одвлекување на соседите на ЕУ од руското и кинеското влијание, но противниците стравуваат дека Белград е награден додека се повлекува од демократските и судските реформи.
„Проблемот со пребрзото вклучување на земјите е тоа што на крајот само внесуваме геополитички проблеми во срцето на донесувањето одлуки во ЕУ“, рече дипломат од спротивставена земја.
Според неофицијални информации од порталот „Современа политика“, темата за отворање на Кластерот 3 за Србија треба да биде на дневен ред на уште еден состанок на Корепер следната недела, како и на дневен ред на Советот за општи работи на ЕУ, закажан за 14 јули, но нема реални шанси земјите што се противат на тоа да го променат својот став.