Навални бара кампања против „лудиот режим на Путин“
Рускиот опозиционер Алексеј Навални објави серија твитови во кои бара отворање нов фронт заради „вистината и слободните информации“ против рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарекува „воен злосторник од Кремљ“.
Навални, кој отслужува деветгодишна затворска казна во руска казнена колонија, откако беше осуден за измама минатиот месец, во своите твитови рече дека „вистината и слободните информации го погодуваат лудиот режим на Путин исто толку силно како Џавелин“, американско противтенковско оружје кое се користи од страна на украинските сили против руските сили, пренесува Си-Ен-Ен.
Навални тврди дека Кремљ излажал кога соопштил дека постои широка јавна поддршка во Русија за војната, прашувајќи: „За каква социологија може да се зборува кога прашањето „Дали ја поддржувате војната во Украина?“ а одговорот е „не“ – може да резултира со 15 години затвор за социологот и за испитаникот?“
Тој укажа на кривичните случаи покренати против руски поединци, велејќи дека еден човек е уапсен во Москва бидејќи стоел на улица држејќи ја книгата „Војна и мир“ на Лав Толстој.
