Наставниците извисија околу вработувањата, за ВМРО-ДПМНЕ тие се партиски кадри
Денес во Собранието бевме сведоци на блокада на Закон кој предвидува раст на платите на наставниците, како и трансформација на работниот однос на 4.700 наставници од определено, на неопределно време, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска во емисијата „Само вистина“ на Канал 5.
Таа додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е против трансформација на работниот однос на наставниците и стручните соработници, за тие да стравуваат за своите работни места и да може да бидат политички злоупотребувани.
„Тоа е матрицата на ВМРО-ДПМНЕ. Вие сакате да ги држите луѓето на определено работно време, за да ги уценувате да се појавуваат на протести и анти протести, на митинзи и анти митинзи“, рече Кузеска.
Таа кажа дека со Законот за наставниците и стручни соработници во основните и средните училишта ќе се покачат платите на над 27 илјади наставници, но дека опозициската партија овој закон го блокира од април минатата година.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ,пак, Дивче Арсовски возврати со тврдење дека СДСМ одбиле амандман на неговата партија со кој наставниците ќе добиеле покачување на платите од досегашните 23.000 над 40.000 денари. Според него, ниту ВМРО-ДПМНЕ ниту другите опозициски партии во Собранието не се против вработување на наставници, но нема да дозволат тоа да биде алиби за партиски вработувања на СДСМ.
„ Тие 4.700 наставници и соработници се партиски луѓе кои се вработени од штабовите на СДСМ“, вели Арсовски.