Наставниците бараат помалку ученици и поголеми плати


Просветните работници се соочуваат со проблеми на сите нивоа на образование, а за горливите проблеми и новините што треба да се направат направиле помеѓу себе анкета. Предлозите и забелешките ги кажаа на трибината во организација на Сојузот на просветните работници и Министерството за образование и наука.  Забележуваат дека во паралелките и натаму има над 30 ученици, па невозможно е да се реализира интерактивна настава, поради што предлагаат промената на Законот за основно образование да предвидува најмногу до 20 ученици во паралелка. Наставните планови и програми, според нив, се преобемни за учениците и неусогласени со нивната возраст. Бараат да се зголеми бројот на часови по предметот физичко образование, да се намали бројот на часови во сите одделенија и особено да се намали фондот на часови за четврто одделение. Министерството за образование и наука да обезбеди компјутери или таблети за секој ученик, да има зголемување на платите на наставниците, особено оние што биле прогласени за најдобри, но и за оние што имаат завршено магистерски и докторски студии.

„Во сите анкетни листови на сите нивоа на образование, проблем е бројот на ученици во една паралелка, особено таму каде што има 34 ученици и повеќе, така што е невозможно  наставниот кадар да ги реализира  наставните програми, а тоа се истражувачка и интерактивна работа и настава. Бројот на ученици треба да се намали до 20 во паралелка. Ќе добиеме поквалитетна настава, наставникот на 20 деца секој час може да види колку знаат, до каде им е напредокот. Неминовно е учениците да бидат  добро ИКТ описменети на секое ниво, затоа што пазарот на трудот  бара такви кадри. Министерството за образование и наука да обезбеди ИКТ- ресурси во училиштата, таблет за секое дете, да има постојана интернет-конекција, бидејќи сега нема, а треба да  реализираме  работа со компјутери. Во сите анкетни листови стои соодветно да се вреднува трудот на просветниот работник  и се бара зголемување на платите.  Прогласените за најдобри просветни работници да имаат повисока плата, а тоа да биде одличен пример за другите наставници. Во предметната настава да има  усогласување на наставната програма по македонски јазик со наставната  програма по предметот англиски јазик, особено во делот за граматиката, бидејќи вака доаѓа до дисбаланс и на пример, по англиски учат придавки, а по македонски учат за именки“, рече Жаклина Ристовска од ОУ „Браќа Миладиновци“. Таа додаде дека наставниците бараат да се укинат описните оценки, затоа што родителите не го разбираат нивното значење и немаат претстава за напредокот на своето дете, па е подобро да има бројчано оценување на сите нивоа на образование. Исто така, да има часови по краснопис што  многу ќе значи за подобрување на ракописот на учениците.

Се предлага  унифицираност во планирањето на наставата, со што ќе се добие минимален квалитет на ниво на цела држава. Гордана Угриновска од ОУ „Елпида Караманди“ посочи дека е потребно да се изработат работни тетратки и практикуми за наставници и ученици преку кои со различни активности ќе се поттикнува критичкото и логичното размислување на учениците, а не нивните знаења да се фактографски и со непотребни информации.

„Наставниот кадар во изминатите години беше под постојан притисок од страна на   Државниот просветен инспекторат со постојани инспекции. Сметаме дека инспекцискиот надзор е во ред, во рамките на проверката на педагошката евиденција и  документација. Нивното присуство на часови е дискутабилно,  бидејќи во најголем дел се однесува на контрола на формата, а не на содржината и квалитетот на наставата. Некогаш трошиме многу време, енергија да докажеме зошто сме го сработиле часот на таков начин или сме употребиле такви методи. Наставниците предлагаат да се изработуваат квалитетни тестови според моделот на државната матура, но приспособени на возраста на учениците, со што  наставниците ќе бидат растоварени од изработка на полугодишни тестови, а Министерството за образование и наука ќе добие слика со какви знаења располагаат учениците“, објасни Угриновска.

„Преку анкетата, 57 просветни работници дадоа придонес за реформите во воспитно-образовните установи и за увид во најгорливите проблеми на воспитно- образовниот кадар. Бараа промена на наставната програма, системско поврзување и систематски промени на сите нивоа во воспитно-образовниот процес, посочувајќи  го и предучилишниот кој е во рамки на друго министерство. Бараа намалување на педагошката евиденција и да се ослободи поголем простор и време за креативноста на  децата. Бараат континуирана едукација, кариерен раст и развој  во професијата. Сакаме законските регулативи и  правилниците  што се донесуваат да бидат во согласност со денешницата, да создаваме генерации што успешно ќе се носат на пазарот на трудот, граѓани што ќе имаат придонес за оваа држава, а не да се одлеваат од неа. Потребно е и децата повеќе да се мотивираат да присуствуваат на наставата во средните училишта“, рече Лидија Николовска-Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветните работници.

 

Петар Атанасов: Од септември пилот-проекти во училиштата  

Маките ама и предлозите за образованието ги слушаше заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов. Тој е согласен дека промени во образованието мора да има и да почнат поскоро.

„Првата група прашања се однесува на формата. Премногу форми направивме во образованието, а ја заборавивме суштината, дека образованието треба да образува, воспитува и да прави промени што на децата ќе им помогнат во животот, професионално и  индивидуално. Многу институции, многу правила, а всушност  полека ја загубивме суштината на образованието. Во предлог-законот за основно образование кој е во работна верзија се обидуваме  да ги зачуваме предлозите со кои ќе се намали административната работа кај наставниците, за да можат да ги организираат часовите, да можат поквалитетно да работат со учениците и да се намалат притисоците. Но, на ниво на Влада, на  ниво на МОН мора конечно да се усогласиме околу крупните прашања што го измачуваат образованието, како проектот ‘Кембриџ’, Академијата за наставници, кариерниот развој на наставниците и нивното наградување. Мора да се усогласиме на ниво на Влада и околу решенијата што веќе ќе ги спроведуваме. Мора од септември да направиме неколку пилот-проекти, при што едниот е  ученици од  прво, второ и трето одделение да учат по нови програми. Друг пилот-проект ќе биде  воведување иновативни модели на настава преку дигитализација и усвојување на алатките за кои Брисел нè притиска, бидејќи  во текот на евроинтеграциите, кога ќе се  отворат поглавјата за образование, наука и истражување, ќе мора да ги примениме“, објасни Атанасов.

Вероника Мароска-Леова