Наставничката се заклучила со децата во училиште во Загреб – ги штитела од соученик


Илустрација

Во едно основно училиште во центарот на Загреб наставничката се заклучила на час со учениците откако родителите на 9-годишното момче за кое родителите и учениците тврдат дека од почетокот на оваа учебна година ги злоставува врсниците и поради што е одвоен од одделението последните два месеци, барале тој да влезе на час.

Бидејќи тие постапувале агресивно, наставничката се плашела за својата и безбедноста на учениците.

„За среќа, наставничката беше присебна и ѝ благодариме за храброста. Ги заклучи нашите деца во одделението и им кажа дека тоа е тест вежба за кризна ситуација. Сите побрзавме во училиштето и сме во шок. Помните што се случи во Белград пред една година, ова е страшно низ што поминуваме децата и ние со месеци“, изјави за Јутарњи лист мајката на еден ученик.

Таа додаде дека кога пристигнала, родителите на момчето седеле пред класот и инсистирале да влезат. Рекоа дека им е преку глава од тоа што нивното дете не оди нормално на училиште со другите деца.

Полицајците разговарале со родителите кога пристигнале, а потоа со нив го напуштиле училиштето.

Директорката на училиштето потврди дека инцидентот се случил, додавајќи дека родителите на момчето редовно се однесуваат агресивно. „Наставничката беше исплашена и не беше сигурна дека нема да направи нешто со сила. Повикавме полиција“, рече таа.

Таа додаде дека родителите на момчето не соработуваат и не прифаќаат никакви понуди од училиштето или Министерството за образование.

„Тие имаат своја визија за своето дете, важно е што другите деца денеска не доживеале траума“, вели директорката.

Станува збор за момче кое од март е одвоено од одделението, но сѐ уште било на училиште. Тој бил сместен во библиотеката и наставата ја следел онлајн на компјутер, а секогаш бил придружуван од наставник. Момчето секогаш било придружувано од возрасен и не јадело во исто време со учениците од неговото одделение, но децата не се осмелувале да одат во библиотеката.

„Ќути…“, „ку*во“, „мршојадец“, „дебела крава“, се само дел од навредите со кои со месеци секојдневно ги „честел“ врсниците на час.

Ги малтретирал, ги злоставувал и сексуално ги вознемирувал девојчињата, а ги снимал и со мобилен телефон, наведува понатаму Јутарњи лист. Истото им го правел и на момчињата, удирајќи ги силно по грбот и во неколку наврати со тупаници по главата, а знаел и да им се заканува дека ќе им наштети на нивните мајки и татковци.

Едно поситно момеч го кренал и го фрлил, а друго толку силно турнал, што тоа со главата удрило на работ од масата и добило модринка под окото.