Насмеан, млад, кул и диктатор: Кој е Најиб Букеле, новата политичка икона во Ел Салвадор?


Претседателот Најиб Букеле, обвинет на меѓународно ниво и дома за покажување авторитарни амбиции, во понеделникот се прогласи себеси за „диктатор на Ел Салвадор“, во потсмевачки поздрав до неговите критичари.На Твитер, алатка која 40-годишниот милениумски претседател ја користи често, Букеле ја смени својата биографија од „таткото на Лејла“ во „Диктатор на Ел Салвадор“.

Овој потег дојде откако илјадници Салвадорци маршираа минатата среда против правните реформи за кои рекоа дека се закана за демократијата.

Откако сојузниците на Букеле добија апсолутно мнозинство на изборите во февруари, новиот парламент ги отпушти сите судии од Врховниот суд и јавниот обвинител – двете институции со кои се судри од доаѓањето на власт во 2019 година. Новиот суд поврзан со Букеле овој месец даде зелено светло за тој да се кандидира за реизбор во 2024 година, и покрај уставното ограничување за еден мандат. Претходно, во февруари минатата година, во обид да ги заплаши пратениците за да му одобрат заем за финансирање на план за борба против криминалот, тој исто така  нареди полицијата и војниците  со силно вооружување  да упаднат во парламентот.Тоа ги натера пратениците од претходниот состав да побараат конгресна комисија да го прогласи Букеле за „ментално неспособен“ за управување.Во понеделникот, Вашингтон ги стави петмината судии избрани од Букеле на листата на корумпирани службеници и им забрани влез во Соединетите држави.

За меѓународната јавност младиот претседател на Ел Салвадор е нов латиноамерикански феномен што можат да го следат и други. Него се повеќе го гледаат како лидер со авторитарен потенцијал, а кога дојде на власт јасно се огради од другиот прославен латиноамерикански диктатор , претседателот Николас Мадуро во Венецуела.

“Диктаторите како Мадуро во Венецуела, Ортега во Никарагва и Хуан Орландо во Хондурас, никогаш нема да имаат легитимитет бидејќи остануваат на власт со сила и не ја почитуваат волјата на својот народ. Диктатор е диктатор. Од десно или од лево “, рече Букеле во твит. Кој е Најиб Букеле, какво е неговото минато и како успеја да освои толку поддршка во земјата, која знае што е корупција и што се диктатори?  

Милениумскиот претседател на Ел Салвадор, според оценка на Лос Ангелес Тајмс,  е човек само  со една визија: власт.Неколку дена откако го предводеше државниот удар, тој постави видео снимка на „ТикТок“ како се вози во воено возило додека стотици војници го поздравуваат.Потоа дојде саундтракот: Гласна песна наречена „Бичота“, што е  сленг за „голем погодок“.

Видеото – кое поттикнува непослушност, кое е вкоренето во поп -културата и проектира дрска сила – е прегледано 2,6 милиони пати и е учебник за Најиб Букеле, поранешен маркетинг директор кој вешто ги искористи социјалните медиуми за да стане, на 39 -годишна возраст, еден од најпопуларните лидери во светот.Откако ја презеде функцијата со ветување дека ќе се бори против бандите, ќе ја запре корупцијата и ќе ги распадне етаблираните политички партии во земјата, рејтингот на Букеле се искачи на околу 90%, практично невидено нешто  во политиката. Неговиот рејтинг остана стабилен  дури и кога тој се насочи кон автократија, почна да ги напаѓа печатот и граѓанското општество и го окупираше парламентот со војници.

Кога во февруари годинава неговите поддржувачи ги избркаа неговите критичари од Врховниот суд и од канцеларијата на јавниот обвинител-политиколозите тоа го оценија како илегално преземање власт и „самоудар“.Меѓународниот укор беше брз. Американските пратеници се заканија дека ќе ја прекинат помошта. Критичарите го нарекоа „милениумски диктатор“. Сепак, Букеле остана пркосен.

„На тие што се уште бараат да се вратиме во минатото ќе им порачам дека промените што ги правиме се неповратни“, твитна тој еден ден откако се сретна со специјалниот пратеник на САД во Централна Америка, Рикардо Зуига.

Букеле се повика на суверенитетот на Ел Салвадор, кажувајќи му на светот дека неговата нација „не е протекторат или колонија“ и дека странските сили треба да се откажат од неа. За луѓето од неговата земја тој прифати типично месијански тон, опишувајќи се себеси како „Божји инструмент“ и велејќи дека Ел Салвадор започнува „нова историја“.

„Ова е точка на прекин помеѓу старото и новото“, се вели во видеото што Букеле го објави на Инстаграм денот кога неговата партија ги отстрани судиите. Беше  како реклама на Најк, со балерина што се врти и момче што сурфаво бавно движење низ совршен бран. “Денес дишеме различен воздух“, беше главната порака.

Но, што ќе донесе „новата историја“ на Букеле е неизвесно, а за некои луѓе и вознемирувачко. Латинска Америка е уништена од силните луѓе и демагозите, но се чини дека Букеле е нешто ново, каудило за дигиталната ера со намера да го шири својот бренд на популистичка политика низ регионот. Брадест, со униформа од фармерки и безбол капа, тој е во исто време и бунтовник кој не се кае за ништо и сеприсутен.

Тој тврди дека нема идеологија, само Нови идеи, што е името на неговата политичка партија. Избегнувањето на левичарската и десничарската догма што жестоко го делеа  Ел Салвадор со децении, му овозможи широка народна поддршка. Неговата внимателно создадена слика како доблесен семеен човек, со долги објави на Инстаграм посветени на неговата сопруга и малата ќерка, го направија само попривлечен.

„Тој е енигма“, оцени  Фабио Кастијо, долгогодишен поддржувач на Букеле, кој јавно раскина со владата по преземањето на власта. „Не знам каква држава сака да создаде“.

Но, она што е јасно е дека Букеле е гладен за поголема моќ. Тој ги исчисти своите критичари од Врховниот суд за да може да донесе уставни измени што ќе му овозможат да остане на функцијата и по дозволените пет последователни години. За да ја цементира поддршката, неговата влада им доставува храна на илјадници Салвадорци секој ден откако беше воведен строг карантин поради  коронавирусот минатата година. Тој, исто така, им даде чекови на Салвадорците од 300 долари. Многумина овде се горди на пандемискиот одговор на владата, вклучително и на брзата дистрибуција на вакцините, што ги примија 1 од 5 луѓе, во споредба со само 1 од 50 во соседниот Хондурас.

Магдалена Перез е една од тие што добива пакети помош во храна од владата.

„Немаме вода. Немаме патишта “, рече Магдалена Перез (45), кога и беа врачени две вреќи пред нејзиниот дом направен од отпад  во близина на градот Ел Кимарон. „Ниту една друга влада не направи толку многу за нас“.

Гневот кон политичкиот систем што му претходеше на Букеле го поттикна неговиот подем.Кога заврши граѓанската војна во 1992 година, групите што се бореа во неа се претворија во спротиставени политички табори. До 2019 година, кога  беше избран Букеле, секој од нив се соочи со големи корупциски скандали и сите беа подеднакво омразени. Кон крајот на минатата година при посета на Ел Мозоте, село каде што повеќе од 900 селани беа масакрирани во 1981 година, Букеле изјави дека мировните договори биле „фарса, преговори помеѓу две групи“ и дека не успеале да остварат придобивки за луѓето од Салвадор.

Неговата вештина да го поттикне она што е во срцата на неговите следбеници се виде низ  антикорупциските кампањи на Букеле, кои се објавуваат како реалити шоуа во ударно време, додека тој им наредува на службениците преку Твитер да отпуштат вработени обвинети за фаворизирање или корупција, а тие одговараат: Веднаш претседателе!

Ваквите театралии предизвикаа споредби со поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Како и Трамп, и тој покажува презир кон традиционалните медиуми и ретко одговара на прашања од новинари, контролирајќи го својот наратив преку социјалните медиуми или други појавувања на Интернет.

„Поинтересно е да правиш интервју со тебе“, рече тој во снимениот  подкаст „Луисито Комуника“, управуван од мексикански блогер со 32 милиони следбеници на Јутјуб, пофалувајќи ја новата ера „каде што сопственикот на телевизијата не е  сопственик на светот, каде сопственикот на весникот не е сопственик на вистината “.

„Вие сте најкул претседател од сите“, рече водителот. Неговото најтешко прашање за Букеле беше дали постои група на WhatsApp во која се сите светски лидери.„Не“, одговори претседателот со насмевка.

Букеле претходно работеше во фирма за односи со јавност во сопственост на неговиот татко, Армандо Букеле, успешен бизнисмен роден од палестински христијански имигранти во Ел Салвадор. Политиката на Армандо Букеле беше јасна: преобратен во ислам тој  ја основаше првата џамија во Салвадор, беше поддржувач на палестинското движење за независност и сочувствуваше со левичарските герилци кои се бореа против вооружените сили поддржани од САД за време на војната во Салвадор. Неговата фирма за односи со јавноста подоцна водеше кампањи за Националноослободителниот фронт Фарабундо Марти (ФМЛН), политичката партија што произлезе од остатоците од герилското движење.

Инаку, Најиб Букеле беше просечен ученик во елитно приватно средно училиште – иако колегите ученици го паметат дека сакал да дебатира за актуелните настани – пред да го напушти факултетот. Но, во рекламната фирма го најде својот предизвик. Неговите стратегии за политички маркетинг за ФМЛН ги импресионираа лидерите на партијата, кои го поддржаа на изборите во трката за градоначалник во предградие на главниот град наречено Нуево Кускатлан. Букеле, кој вели дека верува во Бог, но не и во религијата, победи и остави трајно влијание врз градот, градејќи модерна библиотека и центар за заедницата. „Видовме многу вистински промени“, рече Хаиме Миранда, 33-годишен возач на достава.

„Тој отвори медицинска клиника“, додаде еден од неговите пријатели.

„Тој даде стипендии“, рече друг.Тие не беа вознемирени од неодамнешното приграбнување на власта од страна на Букеле.

„Можеби тој прекршил некој кодекс или некој закон“, рече Миранда. „Но, за да продолжи со развојот и напредокот, мораше да го направи тоа. Ако е за добро, нека продолжи“, продолжи Миранда. „Тој е најдобриот претседател што го имавме во мојот живот“.

Поддржувачите на Букеле велат дека тој исполнил уште едно клучно ветување: Направил луѓето да се чувствуваат побезбедно.Пред пет години Ел Салвадор имаше една од најлошите стапки на убиства во светот, со 103 смртни случаи на 100.000 луѓе.Во Сиудад Делгадо, работничка населба во главниот град, луѓето понекогаш толку се плашеа да шетаат по улиците што го прескокнуваа и одењето во црквата, рече Педро Гонзалес, поранешен член на банда, кој започна христијанска служба овде пред 12 години

 „Беше пекол“, рече тој. „Бандите ќе ти ја побараат личната карта и ако не си од нивното соседство, ќе те убијат“.

Но, убиствата оттогаш опаднаа. Букеле тврди дека ги намалил од околу 50 на 100.000 луѓе во 2018 година на само 20 на 100.000 луѓе минатата година. Имаше дури и денови со нула убиства, и секој од нив  Букеле го слави на Инстаграм.Тој го запишува опаѓањето на бројот на  убиствата во неговиот „план за територијална контрола“, нејасна стратегија која вклучува напади од полицијата и војската што тој никогаш не ги објаснил целосно.Критичарите велат дека намалувањето на насилството има малку врска со строгиот закон и редот отколку со примирјето меѓу бандите, договорено со владата.

„Негирањето дека постои договор со бандите е апсурдно“, рече Селија Медрано, активист за човекови права фокусирана на безбедноста. „Секој што влегува во заедницата за да се вакцинира, за да дезинфицира или да чита водомер, треба да се договори со бандите“.

Во септември, веб -страницата „Ел Фаро“ објави извештај врз основа на записите за посети на затворите, според кој владата им дала придобивки на водачите на бандите во замена за намалување на убиствата. Букеле ги негираше тие тврдења – и веднаш започна истрага против „Ел Фаро“ за перење пари.

Нелсон Рауда, 29-годишен новинар во„ Ел Фаро“, посочи  дека добивал смртни закани од поддржувачите на Букеле. Но, тој повеќе се плаши дека владата ќе го уапси под измислено обвинение. Неговата сопруга има подготвен список што да прави во случај да биде затворен. Рауда вели дека ги разбира поддржувачите на Букеле, од кои повеќето очекуваат од владата испорака на храна, вакцини и барем илузија на безбедност, отколку некое апстрактно ветување за демократија.

 „Што е демократија ако нема храна?- запраша  Рауда. „Што е владеење на правото ако живеете во населба исполнета со банди?“

Но, Букеле има свои слабости. Неговите либерални трошења ја доведоа земјата речиси до банкрот и ја соочија со ризик од неплаќање на долгот, што е 92% од бруто домашниот производ.Потоа, постојат обвинувања за корупција во неговата администрација. Министрите за здравство и финансии на Букеле се обвинети за поткуп.

САД будно го следат Букеле делумно затоа што има политички амбиции и надвор од Салвадор. Во Гватемала и Хондурас се појавија партии со името Нови идеи во последниве месеци, а Букеле неодамна се замеша отворено во политиката на Хондурас со донирање вакцини против Ковид 19 директно на градоначалниците кои се противат на претседателот на таа земја. Тој исто така станува близок пријател со Кина, која го покани во државна посета во 2019 година и му вети на Ел Салвадор половина милијарда долари помош за инфраструктурни проекти. Амбасадорот на Кина беше единствениот голем дипломат во Ел Салвадор кој не го прекори Букеле за неговата судска чистка.

Неговиот потпретседател, Феликс Улоа, нема голема моќ во владата  што им припаѓа на тројцата браќа на Букеле, неговите неофицијални, но многу влијателни советници. Улоа рече дека не мора да се согласува со тактиката на Букеле, што ја нарече „шокантна“, но смета дека преземањето на контролата врз судовите било неопходно – за да се избегнат пречки на агендата на претседателот.

„Мора да имате доволно мускули за да продолжите напред, бидејќи во спротивно тие ќе ве спречат“, рече Улоа.

 Предизвикот сега е што ќе прави со сета таа моќ. Дали ќе ја искористи во интерес на луѓето што му веруваа и му ја дадоа или ќе ја искористи како другите, ќе заглави во корупција, ќе создадете нова елита и ќе направите нова група на моќ?