Народната банка со надолни корекции за растот на БДП, нагорни за инфлацијата

Годинава растот на БДП ќе биде 2,3 отсто, а на инфлацијата 14,3 отсто. Се очекува предпандемиското ниво на економијата да биде достигнато во 2023 година


 

Раст на домашниот бруто-производ од два до 2,3 отсто оваа година и на инфлацијата од 14,3 отсто предвидува Народната банка во најновите макроекономски прогнози кои ги презентира денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Ова претставува надолна проекција за економскиот раст, а нагорна за инфлацијата  во однос на претходните априлски проекции, рече таа на прес конференција во НБ.

 Во најновите макроекономски проекции, Народната банка подготви две сценарија. Според првото растот на БДП годинава ќе изнесува 2,3 отсто, по растот од 4 отсто минатата година. Во првата половина на годинава растот изнесуваше 2,6 отсто и беше повисок од проекциите, но поради најновите околности во светот и кај нас, направена е  надолна корекција од односно забавување  0,6 процентни поени за годинава и еден процентен поен за идната година за кога се предвидував раст на БДП од 2,6 отсто. Според второто сценарио оваа година растот на БДП ќе изнесува два отсто и 1,8 отсто идната година.

На среден рок, Народната банка предвидува закрепнување на економијата и дека ќе дојде до одредено стабилизирање, така што се очекува растот на БДП да изнесува од 3,6 – 4 отсто.

Поради ваквите движења, се очекува предпандемиското ниво на економијата да биде достигнато во 2023 година, наместо оваа година како што се очекуваше претходно, посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Кумулативните загуби до 2024 година на БДП според првото сценарио изнесуваат 0,9 проценти, а во второто 1,4 проценти.

Во однос на структурата на растот, позитивен придонес се очекува да има домашната побарувачка, а негативен на нето извозот, рече гувернерката, додавајќи дека се очекува пораст на инвестициите и во наредниот период но поумерено, а инвестициите ќе бидат насочени главно во инвестициски проекти во производствениот и енергетскиот сектор.

Нагорни се и проекциите кај инфлацијата за годинава при што се очекува таа да изнесува 14,3 отсто, што се должи доминантно на цените  на храната и на енергијата. За наредната година инфлацијата ќе се спушти на 8 до 9 отсто зависно од порастот на цената на струјата на регулираниот пазар, пад на цените на примарните производи како и субвенционирање на цената на струјата за прехранбената индустрија.

На среден рок инфлацијата се очекува да се намали на 2,4 отсто во 2024 година и на 2 отсто во 2025 година.

Инаку, меѓународните финансиски институции предвидуваат раст на БДП за нашата земја од 2,1 до 2,7 отсто годинава и од 2,3 до 3 отсто за идната година, а кај инфлацијата се прогнозира слична динамика како и проекцијата на Народната банка.

„Резимирано, поради пролонгираното дејство на геополитичките фактори, глобалните изгледи за растот и за инфлацијата се понеповолни во однос на априлските проекции. Сепак, меѓународните финансиски институции очекуваат раст на глобалната економија за 3,2 проценти оваа година и 2,7 отсто наредната. Овој глобален амбиент се одразува и на нашата економија која е високо увозно зависна поради што исто така се очекува помал економски раст и повисока инфлација. Кај инфлацијата по забрзувањето оваа година се очекува постепено намалување наредната година, а особено на среден рок кога очекуваме да се врати на предпандемискиот историски просек.

Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното окруѕжување, особено со текот на виојната во Украина и импликациите врз глобалните пазари на примарните производи и врз растот на европската економија.

Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење внимателни домашни политики, рече Ангеловска-Бежоска.

Во услови на зголемени инфлациски притисоци, а особено инфлациски очекувања, централните банки мора да ја затегнуваат монетарната политика, иако не станува збор за класичен шок на страната на побарувачката каде тие се најефикасни. Оттаму ние уште минатата година започнавме со постепено затегнуавње на монетарната политика користејќи повеќе инструменти, особено интервенции на девизниот пазар, рече таа.