Народна банка ја зголеми основната камата за 0,25 процентни поени. Што ќе значи тоа за кредитите

Одлуката се заснова на најновите податоци и информации за ефектите врз домашната економија од светските случувања и војната на Блискиот Исток


 

Народната банка на Македонија ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 4 на 4,25 отсто, што е резултат на зголемените инфлациски притисоци. Ова е и сигнал до деловните банки да реагираат и во својата каматна политика, но дали тоа ќе се случи и кога, ќе зависи од процената на секоја банка одделно.

Инаку, потегот на НБ набрзо по истата реакција на Европската централна банка која што во четвртокот ги зголеми каматните стапки 2% на 2,25% за прв пат од 2023 година како одговор на повисоката инфлација предизвикана од војната во Иран.

Гувернерот Трајко Славески денеска на прес-конференција во НБ, по седницата на Извршниот одбор на централната банка, ја елаборираше одлуката за зголемување на основната каматна стапка, при што рече дека одлуката се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања.
 
Тој посочи дека во однос на сегментите коишто се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, како што додаде, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици.
 
„Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика“, рече гувернерот Славески.
Во такви услови, како што нагласи, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата.
 
Тој потсети дека како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на мај, Славески рече дека девизните резерви изнесуваат 5,2 милијарди евра и се во сигурната зона, а нивната промена засега е во согласност со проекциите за вториот квартал.

Во текот на мај девизниот пазар беше стабилен, без интервенции од страна на Народната банка за надоместување на потребите за девизна ликвидност на економските субјекти.

Во мај 2026 година, годишната стапка на инфлација забави сведувајќи се на 4,8%, од 5,7% во април, главно под влијание на поумерениот раст на цените на храната, што се должи на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година.

„Сепак, тековните показатели упатуваат на засилени инфлациски притисоци кај енергетската компонента, што создава ризици за пренесување на ефектите и врз останатите цени во економијата. Ова делумно е видливо преку засилениот раст на базичната компонента на инфлацијата. Најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи, во услови на одолжена неизвесност“, рече Славески.

Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока.

Славески додаде дека домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување. Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1%, што е блиску до очекувањата од последниот циклус проекции. Расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал сѐ уште не овозможуваат попрецизни согледувања, но априлските податоци упатуваат на раст на индустриското производство и послаби остварувања кај прометот во трговијата.

„Во монетарниот сектор, согласно првичните податоци за мај, растот на депозитите е во рамките на проектираниот, но динамиката на раст на кредитната активност и натаму е над очекувањата и влијае врз домашната побарувачка“, рече Славески.

Тој нагласи дека Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок.

„За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност“, рече на прес конференција гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.