Наместо да заробуваат пари во станови, граѓаните да инвестираат во ХЕЦ „Чебрен“, предлага претседателот на РКЕ
Граѓаните наместо да ги заробуваат парите во бетон и железо – станови, да имаат можност да учествуваат во изградбата на ХЕЦ Чебрен – истакна Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) на тркалезната маса Зајакнување на конкурентноста – Енергетската транзиција, CBAM и иднината на македонската индустрија организирана од Фајнс тинк.
„Енергетиката не е привилегија само на државата, туку можност за сите. При реализација на стратешките објекти, освен класичното кредитирање, треба да се разгледа и можноста за воспоставување на модел на акционерско друштво, каде граѓаните ќе може да бидат дел и наместо да купуваат недвижности, да може да ги инвестираат парите во акции преку кои ќе се финансира изградбата“ посочи Ацо Ристов, претседател на РКЕ.
Осврнувајќи се на енергетскиот развој, претседателот Ристов посочи дека енергетската транзиција е реалност. Најавата за реализација на когенеративната централа во Битола од страна на ЕСМ ја оцени како јасна определба на државата за ослободување од фосилните горива. Најави дека следна регулаторна точка е е-мобилност.

„Кога зборуваме за енергетската транзиција тука е и електрификација, односно е-мобилноста во транспортот. Сите западни држави, но и сите развиени држави се над 50% веќе со развиена е-мобилност, а ние сме само со 1% – тоа е поле на кое мора да се работи, тоа е иднината. Ние како регулатор почнуваме да подготвуваме регулатива и да дадеме основа и динамика за развој на овој дел“, посочи Ристов.
Во однос на јаглеродната такса, Ристов рече дека цената на електричната енергија не е конкурентна на европскиот пазар и е регионално ограничена. Но, задачата треба да се заврши и да има одвојување на производителите од обновливи извори и на оние од фосилни горива.