Намалувањето на рејтингот на американските банки предизвика продажба на берзите


 

Сите три водечки индекси на Волстрит паднаа во вторникот поради големата продажба предизвикана од намалувањето на рејтингот на „Мудис“ на десетина средни американски банки, што ја подгрева загриженоста за здравјето на банкарскиот систем на земјата и на целокупната економија.

Њујоршкиот Дау Џонс падна за 0,45 отсто на 35.314 поени, СиП (S&P 500) загуби 0,42 отсто на 4.499 поени, а Насдак 0,79 отсто на 13.884 поени, пренесува Хина.

Откако петмесечниот раст ги крена СиП 500 и Наскак индексот само пет отсто под историските рекорди, на почетокот на август веќе имаше пет дена од нивниот пад во вкупно шест трговски дена.

Од почетокот на месецот, СиП падна за два отсто, а Насдак за 3,2 отсто.

Осум од вкупно 11 сектори ослабеа во вторникот, додека очекувано најголем губитник беше финансискиот сектор со просечен пад на цената од 1,1 отсто.

Корекцијата на цената беше предизвикана од потегот на „Мудис“, кој го намали рејтингот на десет средни американски компании за еден степен и даде негативна перспектива за рејтингот на шест големи банки, вклучувајќи ги US Bancorp и Bank of New York Mellon.

Пазарната доверба во банкарскиот сектор постепено закрепна по неуспехот на три регионални банки на почетокот на годината, вклучувајќи ја и Банката на Силиконската долина, што го потресе финансискиот сектор.

„Од почетокот на годината, индексот СиП за секторот на банките е намален за 2,5 отсто, додека главниот индекс СиП е во пораст за 17,5 отсто, така што последното намалување на рејтингот на банките ја покажа сета кревкост на довербата на инвеститорите во американскиот финансиски сектор“, според аналитичарите.

Стратегот на „Гленмед“, Џејсон Прајд, смета дека потегот на „Мудис“ е јавно признание на рејтинг агенцијата дека е загрижена за здравјето на банкарскиот систем и како тоа влијае на пошироката економија.

„Мислам дека тоа е голема работа во пошироката слика за тоа како функционира економијата, бидејќи кредитирањето од регионалните банки е еден од главните масла на тој мотор. Ако кредитирањето се забави, моторот нема да работи добро“, смета Прајд.

Остро паднаа и најважните индекси на европските берзи, при што франкфуртски DAX падна за 1,1 отсто, на 15.774 поени, париски CAC за 0,69 отсто, на 7.269 поени, а лондонски FTSE за 0,36 отсто, на 7.527 поени.