Најскапата улица во светот буквално се распаѓа!

Поднесоа тужба поради проблеми за кои веруваат дека биле намерно прикриени


Сопствениците на луксузни станови во облакодерот „Парк Авенју“ 432 во Њујорк го тужеа инвеститорот и сите други вклучени во изградбата на зградата, тврдејќи дека биле измамени и дека биле прикриени значајни структурни дефекти во зградата, како што се големи пукнатини на фасадата, објавува Њујорк Тајмс.

Спорната улица е „Билионерс роу“ на Менхетен. Компаниите одговорни за облакодерот тврдат дека не ги забележале горенаведените дефекти, додека од друга страна, станарите велат дека истите дефекти предизвикале поплави и негативно влијаеле врз вредноста на нивните имоти.

Протекувањето на вода, тврдат во тужбата, кородирало делови од челикот во столбовите на зградата. Тие исто така тврдат дека лифтовите се неисправни, дека каналот за ѓубре испушта звуци како „бомба“ кога е во употреба и дека енергетската ефикасност низ целата зграда е лоша. Тие исто така истакнуваат дека сите одговорни „се во заговор“ за да ја прикријат сериозноста на проблемот.

Тужбата беше поднесена кон крајот на минатиот месец во суд во Њујорк, во која се именувани архитекти и инженери. Сопствениците на становите бараат отштета од 165 милиони долари. Зградата, изградена во 2015 година, е висока 435 метри и е позната по својот „тенок дизајн“.