Најмалку 22 загинати во пожарите во Јужна Кореја


Бројот на загинати во шумските пожари што ја зафатија југоисточна Јужна Кореја се искачи на најмалку 22, а властите стравуваат дека бројките би можеле да продолжат да се зголемуваат.

Официјалната новинска агенција Јонхап денеска јави дека најмалку 18 лица загинале во југоисточниот дел на земјата само од вчера попладне, со што вкупниот биланс се искачи на најмалку 22. Едно лице исто така се води како исчезнато, а две лица се здобиле со тешки повреди.

Во текот на викендот, четворица пожарникари ги загубија животите додека се бореле со пожарите.

Според Јонхап, околу 5.000 пожарникари и повеќе од 140 хеликоптери моментално се во акција за борба против пожарите, кои веќе уништија околу 17.000 хектари шума.

Властите прогласија најмалку четири окрузи во регионот за зони на катастрофа.

Пожарите, кои почнаа во петокот во округот Санчеонг, на околу 250 километри југоисточно од Сеул, предизвикаа значително уништување. Уништени се неколку историски локалитети.

Храмот Гун во Уисеонг, изграден во 681 година, е уништен, јави Јонхап, додавајќи дека националните богатства складирани во античкиот храм биле преместени пред неговото уништување. Историското село Хахо, кое УНЕСКО го прогласи за светско наследство во 2010 година, исто така е загрозено од пламените јазици.

Властите наредија евакуација за да ги заштитат жителите.

Според официјални лица, пожарите се поттикнати од суви ветрови и долготрајна суша.

Шумските пожари не се невообичаени во Јужна Кореја за време на суви периоди. Во последните години во земјата се зголемени и просечните температури и екстремните временски услови, што значително ја зголеми опасноста и сериозноста на пожарите. Експертите сметаат дека зголемувањето на шумските пожари е знак за тековните ефекти од климатските промени.