Најмалку 19 загинати во одрон на карпи во рудник за мермер во Пакистан
Најмалку 19 работници загинаа, а голем број други се повредени при одрон на карпа во рудник за мермер во северозападен Пакистан, соопштија денеска локалните власти, пренесе ДПА.
Во текот на ноќта падна огромен камен врз работниците во областа Мохманд, во провинцијата Кибер-Пахтунква, изјави началникот на локалната полиција Тарик Хабиб.
-Карпата ги затрупа работниците и го блокира влезот во рудникот. Работниците неколку часа беа заробени внатре, рече Хабиб.
Германската агенција, цитирајќи го спасувачот Билал Фаизи, пренесува дека повредените и мртвите биле извлечени од рудникот по неколкучасовни напори
-Бројот на загинати може да се зголеми бидејќи некои од работниците се уште се заробени, рече шефот на локалната администрација Ифтихар Ахмед.
Опасните услови за работа и лошите безбедносни режими секоја година во Пакистан убиваат стотици работници, кои работат во рудници за јаглен, смарагд, мермер и сол, појаснува ДПА.