Најмалку 116 лица хоспитализирани по капење на плажата Назаре во Португалија


Бројот на луѓе кои побарале медицинска помош во португалскиот регион Леирија поради симптоми поврзани со загадување на водата на плажата Назаре, се зголеми на 116, соопшти клиничко-болничкиот центар на регионот Леирија.

До 14 часот денеска, на болничко лекување биле примени 72 деца и млади, како и 44 возрасни лица, а од вкупниот број на заболени, 70 се жени, а 46 мажи, се прецизира во соопштението.

– Повеќето случаи, 62 проценти, се однесуваат на деца и адолесценти, се наведува во објавата на локалната болница, пренесува Радио-телевизија Португалија.

Плажата Назаре беше привремено затворена во петокот по технички дефект што предизвика испуштање на отпадни води и појава на непријатна миризба.

Забраната за капење беше укината синоќа, откако беа добиени резултатите од тестирањето на квалитетот на морската вода.

Општина Назаре соопшти дека, по инспекцијата спроведена во саботата попладне, било утврдено дека морската вода е „бистра и проѕирна, без присуство на видливи органски материи“.

Како што е наведено во соопштението на општината, локалните здравствени службеници заклучиле дека, врз основа на резултатите од анализата на водата и намалувањето на бројот на пациенти со гастроинтестинални симптоми, повеќе нема причина за забрана за капење.

Клиничко-болничкиот центар на регионот Леирија претходно прецизираше дека симптомите кај заболените главно се однесуваат на повраќање, мачнина и дијареја.