Најдобриот зеленчук за намалување на крвниот притисок
Високиот крвен притисок може да доведе до зголемен ризик од болести на срцето и мозочен удар.
За да го намалат крвниот притисок, луѓето го ограничуваат внесот на натриум, вежбаат и јадат намирници кои се здрави за срцето, вклучувајќи зеленчук, пишува хрватскиот „Index“.
Зеленчукот е преполн со здрави нутриенти и природно има низок удел на натриум. Одредени видови зеленчук се добар извор на калциум, магнезиум и калиум, три минерали кои помагаат во одржување на здравиот крвен притисок. Но, постои еден зеленчук кој се смета за особено корисен во контрола на крвниот притисок. Станува збор за цвеклото.
Цвеклото е една од најдобрите намирници кои можете да ги јадете ако имате висок крвен притисок. Тоа е здраво за срцето, содржи многу малку натриум, нема додадени шеќери и заситени масти, а содржи и калциум, магнезиум и калиум.
Податоците добиени преку клинички испитувања покажуваат дека пиењето сок од цвекло може да помогне во намалување на крвниот притисок. Мета-анализата објавена во списанието „Frontiers in Nutrition“ покажала дека пиењето сок од цвекло во период од 3 до 60 дена го подобрува систолниот крвен притисок помеѓу испитаниците.
Според друго истражување објавено во „Journal of the Academy of Nutrition and Dietetics“, консумацијата на зеленчук богат со нитрати, како што е цвеклото, нуди позитивен ефект врз мерењата на крвниот притисок кај младите возрасни лица.