Тренчевска ќе отвори дебата за нов начин на усогласување на пензиите
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави отворање дебата за промена на системот на усогласување на пензиите, нешто што го бара Сојузот на здруженија на пензионерите.
– Дел од Програмата на Владата е промена на овој систем за усогласување на пензиите за што ќе отвориме и експертска дебата. Оваа дебата ќе ја отвориме час поскоро со експертската јавност, со сите заинтересирани страни за да дојдеме до решение со кое што ќе го подобриме статусот на пензионерите во однос на нивните примања, рече Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.
Министерката за труд и социјална политика најави дека експертската дебата Владата ќе ја отвори во првиот квартал од годината.
Пензионерите бараат промена во усогласувањето на висината на пензиите, односно во системот да биде вклучен и растот на просечната плата.
Таа не наведе конретни рокови ни кога би се зголемила минималната плата.
-Заложбата на Владата е минималната да се покачи во најбрз можен рок на 18.000, а до крајот на мандатот на 20.000 денари. Заради тоа ќе отвориме дијалог со синдикатиоте и работодавачите. И за двете страни треба да одговара тој рок, а во текот на февруари ќе има економско-социјален совет на кој ќе се зборува за тоа, рече Тренчевска.
Во однос на повикот на Сојузот на синдикати на Македонија за генерален штрајк, министерката објави дека во понеделник ќе се разговара по ова прашање.
– Во понеделник ќе има состанокот заедно со вицепремиерот Битиќи и министерот за економија со синдикатите во однос на соопштението на ССМ. Ќе разговараме. Спомнавме во програмата дека покачувањето на минималната плата ќе биде во најкус можен рок. Тоа прашање ќе го отвориме во понеделник и се надевам дека тоа ќе биде поволно за работниците, истакна Тренчевска.