Најавена е изградба на голем гасовод што ќе ги поврзува Русија и Кина


Договор меѓу лидерите на Русија, Кина и Монголија резултираше со потпишување на правно обврзувачки меморандум за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ што ќе испорачува руски гас во Кина и изградба на транзитниот гасовод „Сојуз-Восток“ за негова испорака низ Монголија, изјави Алексеј Милер, извршен директор на рускиот „Гаспром“.

Шефот на „Гаспром“ ја објави изградбата на нов гасовод во вторник во Пекинг, по разговорите меѓу лидерите на Русија, Кина и Монголија, според руската новинска агенција Интерфакс.

„Врз основа на јавната изјава на лидерите на трите земји, Русија, Кина и Монголија, денес беше потпишан правно обврзувачки меморандум за изградба на гасоводот „Моќта на Сибир 2“ и транзитниот гасовод „Сојуз-Восток“ низ територијата на Монголија“, изјави Милер за новинарите.

Проектот ќе овозможи испорака на 50 милијарди кубни метри руски гас годишно преку транзитниот гасовод низ Монголија, додаде шефот на „Гаспром“.

Русија ќе испорачува гас на Кина според новиот договор за период од 30 години. Постигнат е и договор за зголемување на испораките на гас преку гасоводот „Моќта на Сибир“, од 38 милијарди кубни метри годишно на 44 милијарди, рече Милер.

На прашањето која би била валутата на плаќање, Милер рече дека „може да ви каже во кои валути се плаќа моментално, половина во рубли и половина во јуани“. Цената на гасот за Кина е објективно пониска отколку за Европа поради пократката транспортна дистанца, додаде шефот на „Газпром“.

Русија започна да извезува гас во Кина преку гасоводот „Моќта на Сибир“ во 2019 година, врз основа на долгорочен договор за продажба склучен помеѓу „Газпром“ и кинескиот гигант за гас и нафта CNPC.

Од 2020 година, извозот на руски гас ги надмина годишните договорни обврски и достигна 31,12 милијарди кубни метри минатата година. Дневните испораки го достигнаа максималното договорено ниво од 38 милијарди кубни метри годишно на 1 декември 2024 година, еден месец порано од планираното. „Гаспром“ го зголеми извозот на гас во Кина за 28 проценти во првите осум месеци од оваа година.