Наградата за Медеја ме врати дома: Интервју со Илина Чоревска, актерка

Наградата ја добивам во за мене комплициран животен период  исполнет со многу неочекувани моменти, во кој многу размислувам која е Илина како актер и човек, вели, Чоревска, во интервјуто за „Независен“


Брилјираше во улогата на  Медеја во претставата на Битолскиот народен театар, но не како силен анти- херој кој на крај свирепо ги убива своите деца, туку како нежна, тивка, денешна, маргинализирана, скршена  Медеја. Илина Чоревска во интервјуто за „Независен“ открива дека се изненадила и се израдувала како дете, за наградата во Прилеп. Сѐ уште ја слави и „се преиспитува што за неа значи наградата како актер, и тоа ќе продолжи и во иднина зашто смета дека тоа е поентата на една  театарска награда“. 

На театарската сцена е препознатлива по комплексните улоги, а приватно е, вели„ најпростата –комплицирана личност“. Презимето во текот на нејзиниот актерски пат, (ќерка е на актерот Борис Чоревски, н.з.), за жал, вели, повеќе ѝзатворило врати отколку што ѝ помогнало, но „таа е  друг вид на актер по театарски хабитус“.  За наградената улога и за плановите во иднина, во продолжение на интервјуто. 

Од Прилеп во Битола се вративте со наградата за најдобра женска улога за ликот на Медеја во „My name is Medeja“ на Битолскиот народен театар, која беше  прогласена и за најдобра претстава на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“. Очекувавте, се надевавте или се изненадивте?

Се надевав, очекував,  па се изненадив и израдував како дете. „My name is Medeja “  е претстава која кажува многу со малку изразни средства, која зборува со современ, урбан  театарски јазик кој кореспондира со ситуацијата на многу  млади луѓе низ светот.Тоа значи дека е направена  во точен  временски момент, што за мене е многу важно за секој  еден театарски проект.  Себастијан Хорват за  „My name is Medeja “  вели  дека е ,,скромна претстава“  па ,,скромно“  понесе и пет награди на овогодинешното издание на фестивалот.

Како ја прославивте наградата? 

Сè уште ја славам, се преиспитувам што за мене значи наградата како актер, и тоа ќе продолжи и во иднина зашто сметам дека тоа е поентата на една  театарска награда. Наградата ја добивам во за мене комплициран животен период  исполнет со многу неочекувани моменти, во кој многу размислувам која е Илина како актер и човек. Како да бидам подобра во секој сегмент од мојот живот, го преиспитувам она што сум го поминала, зошто некои работи се случиле баш така. Барам  нови предизвици во театарот и на сцената, трудејќи се да останам автентична на мојот актерски израз но да го смирам својот дух. Искрено не знам дали ми успева, но со Медеја некако ми се потврдува дека сум на добар пат.

На доделувањето на сцената на Домот на културата „Марко Цепенков“ спомнавте дека Медеја го има само насловот и сите референци што ги носи текстот на Еврипид, но оваа Медеја е млад човек во странска земја кој се соочува со денешни реални проблеми и токму поради тоа е големината на оваа претстава. Среќна сте што ја добивате наградата која доаѓа во ваш тежок животен период.

За сите оние кои очекуваат дека на сцената ќе ја гледаат Еврипидовата ,,Медеја“, ова не е таа. Оваа Медеја не е силен анти- херој кој на крај свирепо ги убива своите деца. Оваа е нежна, тивка, денешна, маргинализирана, скршена  Медеја. Таа се бори со своите внатрешни гласови но и со средината која е немилосрдна, се бори да ги разбере најблиските кои ја напуштаат кога најмногу и се потребни,  Медеја која несебично, со голема љубов  го остава своето дете таму каде што знае дека ќе биде подобро за него. Taa е секој еден млад човек денес во било кој дел од светот . На крајот претставата завршува со блискост и внимание од сосема случаен странец , а тоа кај Медеја буди насмевка и надеж. На доделувањето кажав дека наградата ја посветувам на секој еден кој води некаква своја битка, било каква… полесно е кога никој од нас не ја води сам!

Битола и Прилеп се ривали како градови. Дали е така и на театарската сцена?

Битола и Прилеп никогаш не сум ги доживувала како театарски ривали, можеби зашто моето потекло е половина прилепско. За Прилепскот театар мислам  дека имаат одлична актерска екипа која работи многу и прави значајни претстави. Од тој театар носам само убави спомени од една сега веќе култна претстава ,, Тапани во ноќта“ која ја работевме таму со М. Кочовски и која го освои регионот. Би можела да кажам дека наградата во Прилеп на еден начин ја доживувам како мое ,, враќање дома“ што и беше мотото на овогодинешниот фестивал.

Би било убаво кога  сите театарџии во нашата земја повеќе би си ги гледале претставите меѓу себе,  и заради тоа да правиме подобри претстави, потикнати од успехот или дури и од кокурентноста со друг театар.

Со министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на доделувањето на наградите во јуни во Прилеп

Битола била и останува еден од највлијателните театарски центри во земјава, што го потенцираше и министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, како горда Битолчанка. Дали вашиот матичен театар ја има „тајната на успехот“, со оглед што годинава за наградите одлучуваше реномирано меѓународно жири?

Битолскиот театар секогаш бил и ќе остане театар кој кога ќе се спомене буди некаква почит. Мислам дека тоа  е зашто нашиот ансамбл не се плаши да скокне и во најкомплицирани процеси, понекогаш  за многу кратко време, под секакви услови и спремен да одговори на најпребирливите режисери.  Во НТБ работеле и ќе работат режисери кои започнуваат баш во Битола па дури потоа во други театри низ Македонија. Последниве години продуцираме по осум премиери годишно, што значи дека постојано работиме со пеколо темпо, сме освоиле над триесет награди во земјата и регионот и имаме дури три статуетки за најдобра претстава во последните пет години на МТФ „Војдан Чернодрински“. Годинешнава не радува уште повеќе зашто доаѓа од страна на реномирани театарџии кои ете во  „My name is Medeja“ препознаа претстава која заслужува гран -при.

„My name is Medeja“ на Битолскиот народен театар освои пет награди на 57. МТФ „Војдан Чернодрински“

Како го градевте ликот на Медеја? Студиозно или по инстикт?

Има многу мое суптилно  и инстиктивно во ликот на Медеја. Кога со Себастијан и Милан разговаравме за ликот многу од работите интуитивно ми беа веќе јасни, можеби зашто се поклопуваше со дел од мојот животен период и токму од  личниот животот ја црпев инспирацијата и емотивниот ангажман. Понекогаш е важно кога во театар со некоја улога ќе се наредат коцките, ако не и најважно.

Вие сте млада и убава актерка, на која очигледно и претстои светла иднина. Дали вашето славно презиме ви дава поттик да бидете најдобра на „штиците кои живот значат?

Благодарам за ова млада и убава… Сега сум во едни зрели средни години кога сум доволно млада за да имам енергија а доволно искусна за да знам да ја канализирам или барем така сакам да се гледам себе си. Презимето во текот на мојот актерски пат, за жал, повеќе ми затворило врати отколку што ми помогнало, на сцената често ме споредувале со членови на моето семејство, но јас сум друг вид на актер по театарски хабитус. И тоа така треба да биде. Неизмерно сум благодарна на секој еден од моето семејство што во мене ја всадил искрената, несебична  љубов кон актерскиот занает и  ,, „штиците кои живот значат “ .

Илина како Медеја во претставата „My name is Medeja“

Што е за вас театарот? Имате ли идоли или улога која ја посакувате?

Театарот за мене бил и ќе биде совршен playground, место без кое не можам и во кое сум дома. Идоли ми се сите театарски уметници а што се однесува до улогите во иднина посакувам да се изненадам од она што следува.

Дали размислувате за ангажман во странство?

Би сакала но искрено не размислувам, можеби во регионот некогаш тоа и ќе се случи.

Дали се гледате и на филм?

Со филмот не сме баш на ТИ, особено со македонскиот.

Која е Илина Чоревска, приватно?

Ви споменав и погоре дека на тоа прашање се трудам да си одговорам во периодов… Веројатно јас сум најпростата –комплицирана личност, хаххаха. Илина е голем љубител на животни, обожувам деца и нивната чистота, мразам неправда, лага, и лажно набилдано его, искрен пријател за цел живот и радикален вљубеник во театарот и театарската уметност.