Осудениот ирански режисер Расулоф пребегна во Европа пред премиерата во Кан


Кан– Иранскиот режисер Мохамед Расулоф, кој во својата земја беше осуден на осум години затвор, изјави дека пребегнал во Европа во пресрет на премиерата на неговиот нов филм на Канскиот фестивал.

„Пристигнав во Европа пред неколку дена по долго и комплицирано патување“, кажа Расулоф.

Минатата недела, неговиот адвокат Бабак Пакнија изјави дека режисерот е осуден на осум години затвор и камшикување и дека државата ќе му го заплени имотот. Пакнија додаде дека Расулоф е казнет за снимање филмови и за потпишување изјави.

Иранските власти досега ја немаат објавено казната за 51-годишниот Расулоф, ниту го коментираа неговото бегство. Тој и други уметници потпишаа писмо во кое се бараше од властите да го положат оружјето за време на демонстрациите во иранскиот град Абадан во 2022, во кои загинаа 29 луѓе.

Расулоф освои Златна мечка на Филмскиот фестивал во Берлин во 2020, а неговиот следен филм „Семката на тајната смоква“ ќе има премиера во Кан на 24 мај.

 

„Знаејќи дека набрзо ќе се прошири веста за мојот нов филм, без сомнение знаев дека мојата затворска казна ќе биде зголемена. Немав многу време за одлука и со тешко срце избрав егзил. Бидејќи државата ми го одзеде пасошот во септември 2017, морав да го напуштам Иран тајно“, изјави Расулоф.

Тој сега се наоѓа на непозната локација и не се знае дали ќе дојде на премиерата во Кан.