Над 52 отсто од младите во Македонија иселени надвор


Фото: Б. Грданоски

Околу 60 млади од 16 земји од Југоисточна Европа и од западните земји денес во македонскиот парламент ќе достават сет-препораки како да им се подобри квалитетот на животот и да се запре иселувањето од земјата. Препораките произлегуваат од  Меѓународната младинска конференција  во Крушево. Според Методија Стојчески, од Младинскиот совет од Крушево, главни теми на Конференцијата се иселувањето на младите како регионален проблем и насоките за решавање на ситуацијата.

– Што треба да се направи: подобрување на здравствениот систем, на едукацискиот систем и да се потрудат да го најдат тој баланс помеѓу пазарот на трудот и едукативните програми, тоа што и на поразвиените земји тешко им успева. Значи, продукција на кадар каков што е потребен на пазарот на трудот, да го подобрат животниот стандард и условите за живот во нашата и во државите од регионот, порача Стојчески.

Податоците за иселувањето се  фрапантни не само во земјите кои се надвор од ЕУ, а се стремат за влез во Европската Унија, туку и кај членките. На пример, Хрватска, Бугарија, Романија, Грција нижат поразителни податоци. Трендот на иселувањето на младите е голем во целиот регион, а процентот на иселување од Македонија кај младата популација е над 52 отсто.

– Иако младите велат дека сакаат да заминат, интересен е одговорот на прашањето каде се гледаат по 10 години. Велат: во јавната администрација, во банка, а сепак, во државава. Инаку, најмала е интенцијата за иселување во Романија, зачудувачки, околу 10 проценти, а најголема е во Албанија со повеќе од 63 проценти. Во Словенија, пак, во периодот од 2011 до 2015 година, била помала интенцијата за иселување, отколку во периодот од 2015 до 2018 година. Во Македонија е намален процентот на тие што се иселуваат, или размислуваат за тоа, за разлика од периодот од 2011 до 2015 година, па сепак, е висок и се движи од 52 до 53 проценти од младата популација, средношколци и студенти, изјави Стојчески.

Маја Лисац од Хрватска вели дека иако младите од Хрватска имаат поволности за излез од државата како членка на Европската Унија, сепак проблемот во регионот останува.

– Јас сум Хрватка со адреса во Брисел. Релативно, се соочуваме со исти проблеми. Многу млади се иселуваат. Ние сме членка на ЕУ, па движењето низ Европа ни е полесно и имаме повеќе прилики да работиме во институции. Кај нас, главните причини за иселување се незадоволството, многу образовани млади не можат да најдат работа за која учеле, па одат во земји каде што им се овозможуваат приликите, вели Лисац.

Своето искуство го споделува и Габриеле Розана од Италија.

– Јас сум од Италија, но живеам во Брисел. Главно е дека мобилноста ги враќа луѓето назад во регионот, од каде што доаѓаат. Јас потекнувам од Сицилија, последниот, според развојот, регион во Италија, но имам примери дека мои пријатели се враќаат назад, токму преку програмата за мобилност. И сметам дека тоа е и можноста за Балканскиот Регион, изјави Розана.

За програмата за мобилност, или во Македонија програмата „Еразмус“, говори Лидија Димова, директор на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.

– Програмата „Еразмус“ е програма во која Македонија учествува подолго време. Целта е да се промовираат мобилностите. Нашите луѓе, младите, да видат поинакви искуства од Македонија. Нашите податоци покажуваат дека мобилноста е корисна и луѓето се враќаат назад. Ако одат една година да учат или да работат во странство, да ги усовршуваат своите вештини, тие луѓе се враќаат во својата држава. Податоците покажуваат дека е така и во другите држави. Овде има разлика помеѓу миграцијата, иселувањето и мобилноста која секогаш е позитивна, вели таа.